Забава Избор Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Со театарската претстава „Цветко и неговата градина“ започнува програмата „За сите деца“

Охрид, 21. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – На сцената кај ТЦ „Амам“, вечерва со почеток од 20:00 часот, со театарската претстава „Цветко и неговата градина“, започнува програмата на општина Охрид за најмладите охриѓанчиња „За сите деца“, под мотото „Културата расте со децата“.

„Цветко и неговата градина“ е најновата хит претстава за деца во продукција на театар „Хит“ од Скопје, која е создадена тематски за зачување на животната средина, за природата, екологијата, но и за здравата храна. Низ призмата на оваа претстава децата со театарски јазик создаден да биде разбирлив за нивната возраст ќе дознаат низ вузуелен пример колку е важно да ја чуваме и негуваме природата, да не ги уништуваме дрвата, езерата, реките, тревата, цвеќињата, парковите и шумите, бидејќи тие се изворот на чист воздух за сите. Секоја лоша постапка кон нив може да се рефлектира на нашето здравје. Тоа што исто така сакаме да го истакнене е дека многу е важно во исхрана да внесуваме здрава храна – зеленчук, овошје и мешунки. Низ низа комични драмски ситуации, со многу едукативни педагошки елементи, но и со многу интеракција со децата ќе дојдеме до важната порака – Чувај ја природата, јади здрава за да имаш живот без маана. Целото дејство се случува во куќичката на шумскиот принц Цветко кој ги чува и негува сите шуми, но има и преубава градина со зеленчук и овошје. Но, неговиот најголем проблем е тетка Лошка кои низ многу интересни и комични ситуации му создаваат проблеми со лошо однесување кон природата. Принцот Цветко заедно со другарот Тино, ама и со децата од публиката успеаваат заедно да го променат однесувањето на тетка Лошка. Благодарение на децата од публиката и шумскиот принц Цветко, тетка Лошка го менува своето однесување кон природата и заеднички почнуваат да создаваат своја градина каде ќе одгледуваат зеленчук и овошје – здрава храна, информираат организаторите.

Претставата изобилува со оргинална изработена: сценографија, костимографија, реквизити и музика. Важен дел од претставата се интерактивните, едукативните и педагошките елементи кои во секоја сцена се застапени и со тоа претставата ја има својата оригинална и несекојдневна нитка. Играат Магдалена Ризова-Черних, Бранко Атанасов, Сашо Ристовски и Ема Давчева. Сашо Ристовски е автор и режија, а сценографијата и костимите се на Диди.

До 6-ти октомври, секој петок ќе се реализираат низа културно-забавни настани и активности за деца до 12 години. На отворените сцени на Долни Сарај, плоштадот „Крушевска Република“, плоштад „Вангел Наумовски“ (кај Мини маркет), Лапидариум, градски плоштад „Свети Климент Охридски“ и други јавни површини во градот ќе бидат изведени детските театарски претстави „ Цветко и градината“, „Разгалениот принц“, „Младиот чорбаџија“, „Дизајнерот Далматинко“ и „Црвенкапа“. Сите претстави ќе бидат во изведба на „Театар Хит“ од Скопје, а најмладите преку омилените детски ликови ќе имаат можност да се дружат со нашите познати актери Магдалена Ризова Черних, Сашо Ристовски, Ема Давчева и Бранко Атанасов. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука