јуни 21, 2024

Охрид, 21. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охрид по 23-ти пат беше домаќин на Интернационалниот натпревар за млади музичари „Охридски бисери“, на кој беа пријавени над 70 учесници од повеќе држави ширум светот.

На манифестацијата, која се одржа од 15-ти до 19-ти јуни, учесници од Германија, Иран, Кина, Албанија, Црна Гора, Чешка, Косово, Турција, Италија, Холандија, Словенија, Србија, Грција, Бугарија, Хрватска и Македонија се натпреваруваа во дисциплините виолина, пијано и камерна музика.

Клавирското трио од Охрид, составено од Лина Николеска на виолина од класата на проф. Христина Пецакова Николеска, Антица Николоска на виолина од класата на проф. Мухамед Бајрам и Ана Кузманоска на пијано од класата на проф. Ана Ѓоргиоска, освоија висока прва награда и настапија на завршниот концерт во црквата „Св. Софија“ на кој учество земаат најдобрите од сите категории.

– На овој концерт беа доделени и специјални награди, а една од нив е рецитал на фестивалот „Златна Лира“, која отиде токму во рацете на нашите Македонски претставнички. На овој престижен натпревар интернационално жири е составено од меѓународно истакнати и признати музички изведувачи и педагози, а „Охридски бисери“ е член на Европската унија на меѓународни натпревари (EMCY), со цел промоција на млади музички таленти на европско ниво. Високите професионални стандарди кои се пропишани за учесниците влијаат на сериозноста на пропозициите на меѓународните натпревари, како и на неопходноста за високо реноме на членовите на жирито, информираат од ООМУ „Методи Патче“ од Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука