Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ Туризам

Со OhridPress и брод „Армада“ од Охрид до Св. Наум (Фото/Видео)

Охрид, 22. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Екипата на OhridPress деновиве, заедно со нашите пријатели од бродот „Армада“, направи една фото/видео разгледница од убавините кои се распослани на ова преубаво парче од рајот – езерска прошетка од Охрид до манастирскиот комплекс „Св. Наум“.

Најубавите хотели и локации по крајбрежјето, Пештани, Заливот на коските, Заум, Трпејца… Бисер до бисер, кој, погледнат од вода, едноставно го одзема здивот.

Сето тоа во комбинација со кристално чистата вода и топлото и сончево време деновиве, направи прошетката со нашите пријатели од „Армада“ да биде незаборавно искуство за нас, но и за бројните гости кои секојдневно ги користат нивните услуги.

Св. Наум е крајната дестинација на ова патување

Манастирот Свети Наум на Охридското Езеро е еден од најважните и најстарите огништа на писменоста во Словенскиот свет, каде се зачувани придобивките на Моравската мисија на Св. Кирил и Св. Методиј. Манастирот го одржува својот духовен живот повеќе од 1.100 години, период во кој поминува низ многу промени.

Се смета дека Свети Наум Охридски црквата ја подигнал во 900 година и ја посветил на Светите архангели Михаил и Гаврил. Во 910 година, по смртта, Свети Наум бил погребан во малата капела во црквата. Капелата е украсена со прекрасни фрески со сцени од животот и чудата на Свети Наум.

Подоцна, во времето на турското владеење, црквата била целосно разурната. Денешната црква била изградена во неколку фази во периодот помеѓу XVI и XVII век врз темелите на старата црква. Во црквата денес не е сочувана фреско-декорацијата од X век, а постојните фрески биле насликани во 1806 година. Друг карактеристичен елемент во црквата е нејзиниот иконостас во позлатена резба, изработен во 1711 година, заедно со повеќето икони. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука