Забава Избор Охрид Охрид некогаш ТОП ВЕСТИ

Охрид некогаш: Десанка Максимовиќ и Мира Алечковиќ во Охрид

Охрид, 22. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – На социјалните мрежи денеска беше објавена прекрасна фотографија од две големи поетеси, за време на заедничката посета на Охрид.

За жал годината не е наведена, но подоцна колоризираната фотографија претставува вистинско сведоштво за едно прекрасно време.

– Десанка Максимовиќ (1898-1993) и Мира Алечковиќ (1924-2008) во Охрид. Дополнително колоризирана фотографија, напиша во објавата Tomislav Knežević, кој ја осподели фотографијата.

Уште една прекрасна фотографија од далечното минато која е вистинска „временска машина“ и не враќа во едно многу убаво време.

Десанка Максимовиќ

Десанка Максимовиќ е родена на 16-ти мај 1898 година во Рабровица кај Ваљево како најстаро дете на таткото Михаил, кој бил учител и мајката Драгиња. Веднаш по нејзиното раѓање, нејзиниот татко добива нова работа и заминуваат во Бранковина. Десанка го поминала детството тау и ја сметала за своја вистинска татковина. Гимназија завршила во Ваљево, а Филозофски факултет во Белград.

Била професорка по српски јазик од 1923 до 1953 година во повеќе училишта. Прво била во гимназијата Обреновац, а потоа во Третата женска гимназија во Белград. На 3-ти септември 1925 година била префрлена во Учителската школа во Дубровник, каде што престојувала една година. Потоа работела во Првата женска гимназија во Белград. Една од нејзините најдобри ученички била Мира Алечковиќ, која станала и поетеса и блиска пријателка на Десанка Максимовиќ. Кога слушнала за стрелањето на ученици во Крагуевац на 21-ви октомври 1941 година, таа ја напишала „Крвава бајка“, песна која сведочи за теророт на окупаторите врз невиниот народ за време на Втората светска војна. Оваа песна е објавена дури по војната.

Нејзината поезија е и љубовна и патриотска, енергична, младешка, сериозна и чувствителна. Некои од нејзините најдобри песни се: „Претчувство“, „Приведување“, „Пролетна песна“, „Опомена“, „На бура“, „Барам помилување“, „Косена ливада“ итн. Добитник е на голем број книжевни награди, меѓу кои Вукова, Његошева во 1984 година и наградата АВНОЈ. Таа е избрана за почесен граѓанин на Ваљево.

Мира Алечковиќ

Мира Алечковиќ е српска писателка и поетеса и хуманист. Била и долгогодишен претседател на Друштвото на писателите на Југославија и на Друштвото на писателите на Србија. Родена е во Нови Сад, како дете на Машан Алечковиќ, новинар од Требиње и Драгица Трпинац од Нови Сад. Детството го поминала во Нови Сад, Книн, Црна Гора и Косово и Метохија.

Завршила француско основно училиште, француска и српска гимназија, а потоа студирала славистика и литература во класата на познатиот српски лингвист, професор на Универзитетот во Белград и академик Александар Белиќ. Студиите ги продолжила во Париз, каде докторирала и дипломирала на училиштето Фуше. Била полиглот и зборувала дури десет странски јазици: француски , германски, англиски, руски, италијански, полски, чешки, македонски, словенечки, словачки…

Креативниот опус на Мира Алечковиќ е претставен со 53 книги за деца и возрасни (околу 30 книги за деца и околу 20 книги за возрасни), поезија и проза. Нејзината поезија е длабока, мотивирачка и впечатлива, во која се занимавала со прашања за смислата, животот и смртта, како и со секогаш неизбежната љубов. Поетските книги за возрасни содржат лирски песни кои се неоправдано заборавени и запоставени дел од нејзиното богато творештво. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Tomislav Knežević

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука