Охрид, 23. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во богатата, со над 700, досега, создадени дела, Уметничката галерија, во селото Белчишта, општина Дебрца, синоќа, свечено, беше отворена 39-та, по ред, Интернационална уметничка колонија „Дебрца 2024“.
Пред бројната публика, љубители на ликовната уметност, почитувачи и мештани од Белчишта и другите села на руралната општина Дебрца, се обрати м-р инженер архитект, Мартина Целеска, претседател на здружението-организатор.
– Во пресрет на јубилејот – 4. децении постоење, со чувство на гордост и благодарност кон основачите и поддржувачите, можеме да истакнеме дека е создадена лулка на ликовното пројавување, растење и развој на ликовната уметност во нашата земја, со учество на десетици и десетици признати ликовни дејци од сите меридијани на земјината кугла, рече Целеска.
Таа потенцираше дека четиридецениското постоење на колонијата, е заслуга на визионерски тим од реномирани уметници, поддржувачи на уметноста и страсни креативци.
– Од сите дела, од сводовите и ѕидовите на ова културно здание во срцето на Дебрца, дише творечкиот и човечки дух на основалот на колонијата, ликовниот педагог и неуморен деец, Ѓорѓија Целески, сега упокоен, по потекло од Белчишта, напомена Целеска.
Годинава, на најстарата ваква манифестација кај нас, учествуваат 11 ликовни уметници од земјата и странство. Од Македонија, маестро Јордан Манасиески од Охрид, Лара Ташковска од Скопје, Андреј Антевски од Куманово, како и Славица Танеска и Емел Махмуд од Охрид. Од странските автори се: Леетив Намдаг Жанчивин – мистер Ли (монголскиот конзул), Јованка Беквалац Србија, Нада Грбиќ Србија, Мирослав Мича Круниќ Србија, Славка Ната Радуловиќ Црна Гора и Драгољуб Пејовиќ Црна Гора. (Крај)
извор: Веле Митаноски фото: Веле Митаноски