ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Избори 2024

Македонија доби нова Влада, Христијан Мицкоски е нов премиер на државата

Скопје, 23. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Пратениците со 77 гласа „за“ и 22 „против“ вечерва ја изгласаа новата македонска Влада, предводена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Со Мицкоски на премиерската позиција, во Владата ќе има 23 министри, а од нив пет ќе бидат и вицепремиери.

Во завршното обраќање пред гласањето, Мицкоски рече дека на „граѓаните им е доста од препирки“ и оти е „потребна работа, посветеност, одговорност и конкретни проекти“.

– Во првите сто дена ќе ги подигнеме стандардите, макотрпно ќе работиме, ќе се грижиме, државата ќе се менува, рече Мицкоски најавувајќи намалување на даноци, зголемени пензии, проект од 250 милиони евра за општините, нови странски инвестиции, фронт против корупцијата.

16 од членовите на владиниот кабинет, вклучувајќи го и премиерот, се од редовите на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шестмина се од коалицијата „Вреди“ (ВЛЕН) и двајца од политичката партија ЗНАМ.

Откако беше изгласана Владата, премиерот Мицкоски и министрите дадоа и свечена изјава. Во неа, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го користеше уставното име, за што се осврна и во завршното обраќање.

– Ќе ја кажам срамната придавка при заклетвата затоа што ме потсетува на срамот што го нанесовте на мојата татковина, на моето семејство, на моите неродени внуци. Ќе правам се’ што можам додека сум жив оваа неправда да ја исправам. За жал, во овој момент сум немоќен. Во овој момент ќе морам да капитулирам како човек пред вас и да ја кажам, рече Мицкоски.

Тој се осврна и на преговарачката рамка со ЕУ и потребата од уставни измени за продолжување на пристапниот процес.

– Ваков бугарски диктат под вакви услови нема да пројде и додека сум јас нема да има уставни измени, рече Мицкоски.

Првиот работен ден на новата Влада ќе биде утре кога се очекува новиот премиер и министрите да ги преземат функциите. (Крај)

извор: Радио Слободна Европа фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука