Струга, 24. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – На денешен ден, 24-ти јуни, во 1861 година во Загреб, излезе од печат Зборникот на народни песни, епохално дело на струшките браќа Димитар и Константин Миладинови, македонски преродбеници од 19. век.
Зборникот на Миладиновци е најзначајната книга на македонската преродба, заедничко дело на двајцата браќа. На 24-ти јуни 1861 година, првите примероци од Зборникот излегле од печатницата на Анте Јакиќ во Загреб и им биле испорачани на претплатниците. Објавувањето на Зборникот го овозможи хрватски бискуп, Јосип Јурај Штросмаер.
Ова епохално дело содржи 584 песни од разни краишта на Македонија (Струга, Охрид, Битола, Прилеп, Велес, Дебар, Кукуш, Костур и др.), кон кои непосредно пред објавувањето биле приклучени 76 бугарски песни од Софија и од Панаѓуриште, што Константин ги добил од В. Чолаков.
Песните се поделени во групи: самовилски, други стари, црковни, јуначки, жаљовни, смешни, љубовни, свадбени, лазарски, на Водици, на Ѓурѓовден и жетварски. Зборникот содржи и други фолклорни и етнографски материјали (детски игри, свадбени и годишни обичаи од Струга и Кукуш, верувања, игри, преданија, сопствени имиња, пословици, гатанки…). (Крај)
извор: ОхридПрес/Лектор по македонски јазик фото: архива