Забава Избор

Мила Србиноска го освои третото место во јуниорска категорија на Европското првенство во хип хоп во Полска

Скопје, 24. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Мила Србиноска и Магдалена Ѓоргијовска од танцовото студио „Break A Leg“, ја претставуваат Република Македонија на Европското првенство во хип хоп „Hip Hop battle & breaking championship“, кое започна вчера и ќе трае до четврток во градот Жнин во Полска.

На овој престижен танцов турнир учествуваат околу 2.000 танчери од целиот свет.

Мила Србиноска од „Break A Leg“ испиша голем успех, односно освои трето место во јуниорска категорија, во силна конкуренција од 48 натпреварувачки. Македонија доби бронзен медал благодарение на одличниот настап на Мила, која гордо го вееше македонското знаме во Полска.

– Многу се радувам за освоеното трето место и за освоениот бронзен медал на Европското првенство во хип хоп танци 2024 година. Оваа победа ми значи многу, пред сѐ затоа што ова е еден од најпрестрижните натпревари во хип хоп, но и што ја оправдав довербата од целата екипа на „Break a leg“. Конкуренцијата беше многу силна и затоа овој успех ми значи уште повеќе. Се надевам дека до крајот на Европското првенство, заедно со Магдалена Ѓоргијовска ќе постигнеме уште поголеми успеси, со што ќе ја претставиме Македонија во најдобро светло, вели Мила.

Нашите претставнички на Европското првенство ќе се натпреваруваат и во наредните денови во неколку различни категории. Магдалена Ѓоргијовска ќе се натпреварува во категориите Хип Хоп и попинг соло, како и дуо со Мила Србиноска.

Помеѓу 2.000 танчери од различни краеви од светот, Мила Србиноска е одличен амбасадор на Македонија во светот на хип хоп танците, затоа што покажа талент, дисциплина, борбеност и желба за уште поголеми успеси. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука