Избор Култура Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Изложба на Вангел Наумовски на Остен Биенале 2024

Скопје/Охрид, 25. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во четврток, на 27-ми јуни 2024 година, со почеток во 19:00 часот, во галеријата „Остен” како дел од Остен Биенале Скопје 2024, ќе биде поставена изложба на ликовниот уметник Вангел Наумовски.

Вангел Наумовски (1924-2006) е добитник на постхумната награда „Светско културно наследство” и изложбата се поставува во негова чест, со цел да се слави неговото творештво кое ја однесе македонската ликовна уметност во светот.

Наумовски е роден во охридското село Скребатно во 1922 година. Се запишува во Средното уметничко училиште во Скопје, но во 1947 година е исклучен од истото како „неталентиран”. Првата негова работа е цртач во ателјето за резба во Охрид, додека неговата прва изложба е во родниот град Охрид во 1954 година. Има изложувано на над 30 самостојни и 100 групни изложби, а неговите дела се наоѓаат во многу музеи во Македонија и низ светот. После следувале нови изложби, награди и признанија.

Првпат во странство Наумовски се претставил во 1961, додека во 1967 година станал член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, кое на изложба во 1969 година му ја доделува наградата „Свадбен венец”. Истата година градот Охрид му ја доделува наградата за сликарство „Седми ноември“, година која е забележана и по неговото целосно преминување во сликарството како слободна професија. Во 1974 година, Наумовски е награден со Гран при за сликарство од колекцијата „Винстон” во Женева, ја добил и наградата за сликарство „Нерешки мајстори“ на ДЛУМ, а во 1979 година станува член на италијанската Academia Italia de belle Arti e del Lavoro, од каде што е номиниран и за академик. Во Италија е награден и со Premio d’ Italia во 1980 година.

На првото Биенале на југословенската самоука ликовна уметност во Светозарево во 1981 година добил откупна награда, а истата година и награда за цртеж од Музејот на современата уметност во Скопје. Во 1984 година италијанскиот Centro Studi e Ricerche delle Nazioni му ја доделил наградата Premio Mondale della Cultura и Statuata della Vittoria 1984, a Academia de Europa од Италија наградата European Banner of arts со златен медал. Во 1982 година македонскиот режисер Александар Ѓурчинов снимил филм за Наумовски, во кој се прикажува неговиот живот и творештво. Починал на 13-ти јуни 2006 година во Охрид. (Крај)

извор: okno.mk фото: OSTEN Biennial Skopje

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука