Охрид, 25. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Немам што да кажам, само ќе речам по петти пат многу насмеани лица на Галичица. Благодарност до сите помагатели и едно браво за сите учесници. Догодина здравје со многу новитети…
Со ваква порака Жанко ЗШ Голабоски испрати поздрав до сите учесници и беше заокружен петтиот Фестивал на планината и езерото, кој во организација на авантуристичкиот клуб Mountain Madness од Охрид се одржа викендов, како вистинска авантура со планинарење, велосипедизам, логорување, забава и уживање.
Авантурата започна со велосипедска тура околу Охридското Езеро и на локации покрај езерото. Учесниците потоа подигнаа камп во месноста „Корита“, каде со поддршка од НП „Галичица“ подготвија и логорски оган, секако под надзор на екипа од охридската Пожарна.
Следниот ден се спроведе искачување на „Магаро“ со старт од „Липова ливада“. Околу пладне учесниците го напуштија врвот и се спуштија на плажа.
Оваа тура се организира со цел да се одбележи денот на Охридското Езеро (21-ви јуни). (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива