Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Вечерва ќе се одржи Меѓународниот хорски фестивал „Гласот на Охрид“

Охрид, 26. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид, вечерва ќе се одржи шестиот Меѓународен хорски фестивал „Гласот на Охрид“, во организација на охридскиот градски мешан хор Vox Lychnidos.

Присутната публика уште еднаш ќе има можност да ужива во хорските композиции од различни музички жанрови, од класична музика до современи аранжмани, а на годинашниот фестивал за првпат ни гостуваат хорови од Словенија и Албанија, вели за Супер радио и OhridPress диригентот на Vox Lychnidos, Бурим Хидри.

– Како домаќини, ќе настапиме со композициите Ubi caritas – О. Gjeilo, Konj – I. Matvienko, аранжман I. Denisova, потоа Besame mucho – C. Velasquez, аранжман J. Galvan и Mad world – Tears for fears, за која јас го направив аранжманот. Големо е задоволството што е препознаен квалитетот на нашиот фестивал, па за првпат имаме гости од Албанија и Словенија, кои ќе го претстават својот опус пред охридската публика. Тоа се меѓународниот камерен хор „Buj Art“ од Тирана, младинскиот хор на ОУ „Комен“ и машкиот и мешаниот хор „Franc Zgonik“ од Браник, Словенија, потенцира Хидри.

Ќе гостуваат и два ансамбли од Србија, хорот „Атендите“ при Културниот центар Кикинда и мешаниот хор „Бачки певачи“ од Врбас, како и најдобриот и најнаградуваниот хор од Македонија, женскиот младински хор при МКЦ Скопје, предводен од диригентот Сашо Татарчевски.

Почетокот на фестивалот е во 20:00 часот, а влезот ќе биде слободен.

Оваа хорска сезона Vox Lychnidos ја започна со освојување на сребрен медал на Меѓународен хорски фестивал што се одржа во Херцег Нови, Црна Гора. Освен за фестивалот, хористите периодов се подготвуваат и за учество на уште еден хорски натпревар, што на почетокот на јули ќе се одржи во Ниш, Србија. Впечатливо за овој натпревар е што хоровите не се пријавуваат, туку се натпреваруваат на покана на организаторите.

Благодарение на квалитетот во изведбите, изборот на композициите и одличната соработка на хористите и диригентот за време на настапите, што го препознаа стручњаците во оваа област, Vox Lychnidos е поканет да учествува на овој натпревар. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука