Здравје Избор ТОП ВЕСТИ

Здравје: Четири видови овошје кои треба да ги јадете често ако сакате да ослабите

Охрид, 13. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Да се одбере која храна да се јаде и која да се избегнува кога станува збор за слабеење понекогаш може да биде многу предизвикувачки поради разновидноста на достапните информации.

Многумина советуваат да се избегнуваат сите намирници кои содржат шеќер, вклучително и овошјето кое содржи природен шеќер. Меѓутоа, доколку сакате да ја намалите тежината на здрав начин, не треба, ниту се препорачува да го исклучувате овошјето од исхраната.

Покрај тоа што содржи речиси занемарлива содржина на шеќер, овошјето е богато со корисни хранливи материи кои се неопходни за целокупното здравје, како и за успешно слабеење. Различни видови овошје содржат витамини, минерали, влакна и антиоксиданси кои го прават овошјето еден од клучните сојузници во процесот на слабеење.

Диететичарот Cassie Black тврди дека „овошјето е одличен начин за зголемување на обемот на храната без значително зголемување на калориите“. Покрај тоа што е нискокалорично и содржи бројни хранливи материи, со јадење овошје внесуваме и вода и го хидрираме организмот.

Доколку размислувате за слабеење и не сте сигурни кое овошје треба да го јадете почесто, група диететичари ги издвои четирите најдобри опции кои можете да ги вклучите во вашата исхрана.

Банани

Бананите често погрешно се издвојуваат како овошје кое не треба да се јаде, доколку сакате да ослабете. Тоа е затоа што една просечна банана со средна големина содржи 14 грама природен шеќер. Сепак, ова не е причина зошто треба да ги избегнувате.

Диететичарката Kayley George објаснува дека содржината на шеќер зависи од зрелоста на бананата, а недозреаните зелени банани содржат најмалку шеќер.

– Зелените банани се познати и по нивната висока содржина на отпорен скроб, што е одлично за здравјето на цревата и за целокупното губење на тежината, истакнува таа. Иако содржат шеќер, бананите содржат и растителни влакна кои можат значително да влијаат и да помогнат при слабеењето.

Манго

Мангото е сочно тропско овошје кое содржи приближно три грама влакна и само 99 калории по чаша.

– Бидејќи калорискиот дефицит е важен за слабеење, може да биде корисно да се замени висококалоричната храна со нискокалорична, но вкусна храна, посочува Black, кој го издвои мангото како одлична алтернатива за слатките.

Со јадење манго, можете да ја задоволите потребата за слатко, а сепак се грижите за вкупниот внес на калории. Истовремено може да бидете сигурни дека внесувате влакна во вашето тело, што е исклучително важно за здравјето на дигестивниот систем.

Ананас

– Ова овошје содржи ензим наречен бромелаин, за кој се покажа дека има позитивен ефект врз отпорноста на инсулин и одржување на рамнотежата на шеќерот во крвта, објаснува Black.

Постигнувањето на избалансиран шеќер во крвта му помага на телото да ги користи и согорува мастите, промовирајќи поефикасно управување со тежината. Исто така, ананасот е нискокалорично овошје и добар извор на влакна. Ако го исечете и префрлите во шолја, ќе внесете само 83 калории и ќе внесете два грама влакна во телото.

Јаболка

Едно јаболко дневно не само што ве оддалечува од докторите, туку може да помогне и во управувањето со тежината. George истакнува дека „јаболката се познати по тоа што се нискокалорични и богати со вода и влакна, што помага да останете сити подолго време“.

Покрај содржината на влакна и релативно малку калории по јаболко, ова овошје е богато со антиоксиданси кои помагаат во борбата против воспаленија и болести. Антиоксидансите во јаболката помагаат во борбата против оксидативниот стрес кој ги оштетува клетките и е поврзан со состојби како што се кардиоваскуларни болести, дијабетес и дебелина. (Крај)

извор: index.hr фото: index.hr

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука