Хундерло/Охрид, 26. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – На гробот на А. ден Долард во Хундерло со едноминутно молчење беше оддадена почит кон писателот, а пригоден говор за ликот и делото на холандскиот писател одржа почесната претседателка на Македонската заедница во Холандија и најстар македонски активист во Холандија 80-годишната Светлана Мишева која одржувала неколкудецениски контакт со писателот.
Положувајќи го венецот на гробот, Мишева во име на заедницата, во име на град Охрид и македонскиот народ му се заблагодари на А. ден Долард за неговиот удел во борбата за извојување на независна држава Македонија, јави мкд.мк.
„Секогаш кога се наоѓаме во услови на политичка, духовна или културна криза го бараме и го повикуваме твојот силен оптимистички дух кој беше секогаш со нас во нашата борба за независност“, рече Мишева и истури капсула со вода од Охридското езеро, земја од охридските ниви и положи камчиња од Галичица, неговата инспирација за творње, на која тој милуваше да се искачува.
Паралелно со активностите во Хундерло во Холандија, денеска пред спомен-обележјето на кејот на Охридското Езеро, делегација од Општина Охрид положи свежо цвеќе. Говори одржаа Ана Крстеска, заменик-градоначалник на Охрид и Крсте Пурцов, директор на музејот А. ден Долард во Охрид.
Крстеска рече дека Долард пишувал за холандскиот и европскиот печат за Охрид, за Македонија и за Внатрешната македонска револуционерна организација, за симболот на нашиот непокор Илинден и за пропагандите на тогашните кралства од нашето соседство и нивните аспирации да ја присвојат Македонија, секој за себе – во целост.
„Според неговата оставнина, Долард ја сметаше Македонија за своја втора татковина, а Охрид за свој роден град, бидејќи само Охрид и езерото му даваше непресушна енергија и инспирација, а врвовите на Галичица духовна храна“, рече Крстеска.
Таа потсети дека годинава се одбележуваат и 85 години од излегувањето на неговиот најпознат роман „Свадбата на седумте Цигани“, чие дејство се случува токму овде, каде што е подигнато ова спомен-обележје. Во неа, Долард за Охрид вели: „Вреди од Париз да се дојде на Балканот, само за да се види Охрид. Каква прекрасна местоположба на град распослан врз стрмниот рид“.
„Оваа реченица од неговиот роман подоцна стана и главното мото и туристички слоган за бројните туристи кои сакаа да го видат и доживеат Охрид, посебно неговите сограѓани Холанѓани кои до денес сѐ уште важат за наши најбројни посетители“, подвлече Крстеска.
Одбележувањето на 30-годишнината од смртта на Долард е во координација со холандските пријатели во Хундерло и Македонската заедница во Холандија, рече Пурцов, директорот на културно-информативниот центар „Култура 365“ и музејот А. ден Долард во Охрид.
На барање на Македонската заедница во Холандија благовремено беа испратени капсули со вода и земја од Охридското езеро и охридските ниви каде аргатувал Долард и неколку камчиња од планината Галичица за да бидат ставени на неговиот гроб како симболика за поврзаноста која тој ја имаше со нашиот град и регион.
Културно-информативниот центар и музејот до крајот на месецот ќе бидат домаќини на повеќе активности поврзани со ликот и делото на холандскиот писател, а предвидено е да се оддаде почит и на неговиот прерано починат вујко Мишо Јузмески, основач на центарот, главен иницијатор за спомен-собата и еден од најдобрите познавачи на литературниот опус на А.ден Долард.
А. ден Долард (хол. A. den Doolaard) е псевдоним за холандскиот писател Корнелис Јоханес Георг (Боб) Спулстра помладиот (холандски: Cornelis Johannes George (Bob) Spoelstra jr.) роден во градот Зволе на 7 февруари 1901.
Неговиот писателски жанр варира во различни насоки: романи, патеписи, раскази и поезија, но сепак Долард се смета за важен претставник на витализмот, кој тој го опишува во една од неговите рани песни како „слепо го сака животот“.
Во 1926 со една стихозбирка го прави своето деби на полето на книжевноста. Во 1928 година ја прекинува работата во едно нафтено претпријатие каде работи како сметководител и почнува со долги и чести патувања низ Балканот и Франција, каде што работел како ѕидар, гроздоберач, земјоделски и пристанишен работник.
Во 1937 година објавувал во холандскиот весник Хет Фолк (Het Volk) критички написи против нацистичка Германија, Австрија и Италија под мотото „Кукаст крст над Европа“ за што германските медиуми го обвинуваат за „клеветнички известувања“. А. ден Долард бил и останал до крајот на својот живот доследен антифашист.
Кога германската армија ја окупира Холандија во 1940 година, А. ден Долард заедно со сопругата бегаат на југ во Франција и оттаму по една година пристигнуваат во Англија. Во Лондон останува до крајот на Втората светска војна и работи како спикер на холандското Радио Оранје (Radio Oranje) кое е официјален емитувач на вести на холандската влада во егзил на кралицата Вилхелмина. По војната се враќа во Холандија и од 1954 година со семејството се населил во селото Хундерло каде останал до крајот на својот живот.
Долард ја „открил“ Македонија во 1931 година и воодушевен од нејзината убавина тука останал да живее извесно време, претежно во Охрид и во Маврови Анови. Поттикнат од Охрид и убавините на Охридското Езеро, го напишал романот „Свадбата на седумте Цигани“ (De bruiloft der zeven zigeuners), кој за првпат бил објавен во 1939 година, а потоа романот доживеал многу изданија на англиски, француски и чешки јазик. Главното дејство во романот се одвива во градот Охрид и затоа оваа книга се смета за пресуден и клучен фактор во претставувањето на Охрид и Македонија кај пошироката читателска јавност во Холандија.
Долард во Македонија нашол инспирација и за македонската борба за независност и имал редовни средби со македонските комити и војводи. Следните наслови произлегуваат од неговото перо во различни периоди: „Дивјаците на Европа“ (De wilden van Europa, 1932, патопис), „За слобода и смрт“ Van vrijheid en dood, 1933, патопис), „Четири месеци кај комитите, повластени убијци“ (Quatre mois chez les comitadjis, meurtriers patentés, 1934, репортажа), „Ориент Експрес“ (Oriënt-Express, 1934, роман), „Заедно е двапати сам“ (Samen is twee keer alleen, 1976, роман).
Во 1963 година во коавторство со Кас Ортхоис го издаваат туристичкиот водич „Југославија – дестинација за одмор“ (Vakantieland Joegoslavië) со што дополнително ги приближуваат убавините на Југославија на холандските туристи.
Во 1935 година британскиот весник „Тајмс“ пишува:
„Авторот на книгата ‘Ориент Експрес’, кој го користи псевдонимот ‘скитник’ најверојатно за да ги сокрие трагите за неговиот вистински идентитет е толку мистериозен колку и организацијата за која пишува (ВМРО) и која го изврши атентатот врз српскиот крал Александар во Марсеј“.
Три личности по потекло од Македонија гаеле тесни професионални и пријателски врски со Долард: Александар Батковски, Шерафедин Мустафа и Светлана Мишева, додека пак за најголем познавач на животот и книжевниот опус на Долард се смета македонскиот писател Мишо Јузмески (1966-2021), кој книгата „Свадбата на седумте Цигани“ ја смета за „повеќе од книга“ и таа книга со право може да се нарече „камен темелник на холандско-македонското пријателство“.
По повод 105 години од раѓањето на Долард во 2006 година во Охрид е откриен споменик во чест на писателот на кое откривање присуствуваа и потомците на Долард од Холандија. Споменикот е дизајниран од македонскиот архитект Владимир Таиќ, според идејата на шефот на Холандско-македонската стопанска комора во Македонија, Петер Џон Босе.
Цитати на А.ден Долард за Македонија:
„Кога Господ го создаваше светот потроши вкупно шест дена на него: пет дена го создаваше целиот свет и еден ден посвети само на Македонија – затоа е таа толку убава“, Маврово, септември 1972 година.
„Целта на основачите на ВМРО беше ослободување на Македонија од турското ропство од самите Македонци (оттука и додатокот „внатрешно“). Соседните кралства Грција, Србија и Бугарија, секое за себе ја посакуваа Македонија. Бугарите, народ со азиско, а не словенско потекло, можат да се издвојат со вршење на најжестока пропаганда во Македонија“.
„Смртта на српскиот крал Александар ми донесе леб цела зима“, (искажано по повод ексклузивните репортажи кои ги објавувал за атентатот во Марсеј во 1934 година која одговорност за убиството ја презеде ВМРО).
А.ден Долард е писател кој во перидот меѓу двете светски војни наголемо ги популаризираше термините Македонци, македонски дијалекти/ јазик, македонска земја, македонска армија македонски воздух…
Овие термини кои ги нервираа соседните земји на Македонија и во кои Долард доби забрана за влез на нивна територија.
Сепак, хроничарите и оние кои се интересираат за ликот и делото на А.ден Долард доаѓаат до заклучок дека тој никогаш не се застапувал да заземе страна за Македонија, туку се трудел да биде неутрален бидејќи патувал низ сите балканските земји и пишувал подеднакво за сите, и оттука неговиот стремеж бил (порано или подоцна) да се дојде до зближување и соработка меѓу балканските народи како природна состојба на коегзистенција.
Често и самите Македонци не биле задоволни од неговите пишувања за нив, но тоа било резултат на ситуацијата на теренот или од информациите до кои стигал А.ден Долард и не секогаш претставени во духот и потребите на македонскиот стремеж за независност или методот за детерминирање на нивниот идентитет.
Псевдонимот А.ден Долард произлегува од неговиот немирен дух да талка по светот и во превод означува „скитник“ или „талкач“ и тој себе си секогаш се претставувал најпрво како скитник, а потоа како писател и новинар. (Крај)
извор: мкд.мк/Георги Гоце Дуртаноски фото: архива