Избор Култура Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Вечерва во кафе и бар Shilla ќе биде промовирана новата стихозбирка „Грозје од кукавица“ од Славе Ѓорѓо Димоски

Охрид, 27. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во кафе и бар Shilla во Охрид вечерва, со почеток во 19:00 часот ќе биде промовирана новата стихозбирка „Грозје од кукавица“ од поетот Славе Ѓорѓо Димоски.

Промотор на книгата ќе биде Јулијана Величковска од „ПНВ Публикации“, а новото дело на Ѓорѓо Димоски претставува завршен дел од трилогијата со неоангажирана (терминот е од авторот) поезија (другите две книги се „Извештаи на Рисот“, 2016 година, и „Јазик и леб“, 2019 година), бидејќи во однос на класичната ангажирана поезија, која често е и патетична, овде се пародираат општочовечки и национални теми, како стравот, сомнежот, свеста дека е изгубена секоја надеж, химната, најпознатата реченица на Делчев, дека владее логиката на интересот, а не логиката на моралните вредности итн.

Во книгата се воспоставува однос помеѓу политиканството (бидејќи кај нас нема политика) кое шири разочарувачки дехуманизирани сигнали и поезијата, која е нешто последно што може да ја спаси чистата човечка свест.

Славе Ѓорѓо Димоски (роден 1959 година во селото Велестово, Охрид) завршил Филолошки факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Основач е и претседател на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“, бил претседател на Управниот одбор на Национална установа Струшки вечери на поезијата. Член е на ДПМ, на македонскиот ПЕН центар и на академијата „Анте Поповски“. Автор е на деветнаесет стихозбирки, на шест книги за деца, на повеќе книги есеи и активно препејува. Негови поединечни песни и поетски циклуси се преведени на над триесетина јазици, а 19 одделни книги му се преведени на англиски, руски, српски, турски, шведски, хрватски, полски, азерски, бугарски и други јазици. Наградуван е со повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, меѓу кои „Браќа Миладиновци“, „Ацо Шопов“, „Антево перо“, „Григор Прличев“ за најдобра поема, Гран-при „Исток-запад“ (Романија), „Сергеј Есенин“ (Русија) и други, а застапуван е во сите антологии на македонската поезија објавени во Македонија и низ светот по 1982 година. (Крај)

извор: Слободен печат фото: Слободен печат

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука