Струга, 5. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во Основниот суд во Струга денеска треба да продолжи процесот против градоначалникот на Струга Рамиз Мерко за несовесно работење во службата односно дека незаконски назначил директори во училиштата во селата Подгорци и Лабуништа, како и во едно во Струга.
– Не чувствувам вина за кривичните дела за кои ме товари Јавното обвинителство, бидејќи направив континуитет во работата на основните училишта, рече Мерко на последното рочиште.
Според обвинението, во училиштето во Подгорци, Мерко назначил за директор лице кое немало петгодишно работно искуство како што предвидува законот. Обвинителот во ОЈО Струга Џемал Лога вели дека располагаат со доволно докази и ќе докажат дека Мерко ги сторил кривичните дела за кои се терети.
На почетокот на јуни започна и судскиот процес против Рамиз Мерко за незаконската набавка на луксузното возило Ауди вредно 67 илјади евра и уште три други автомобили за кои од општинскиот буџет биле потрошени 114.000 евра. Ова судење беше одложено и ќе продолжи на 8-ми јули. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива