Избор Македонија Општина Дебрца Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Една недела по Духовден, денеска се слави празникот на Сите Светии во селото Лешани

Охрид, 30. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денеска ќе го одбележат празникот посветен на Сите Светии.

Овој празник се празнува во манастирот „Си Свети“ во селото Лешани, во неделата по Духовден и меѓу народот повеќе е познат како Сисвети. Празникот се однесува на сите светци. Црквата го востановила за заедничко сеќавање и празнување на сите светии. Се празнува за да им се оддаде почит на оние светци чии имиња не се познати како поради нивната бројност така и поради тоа што нивниот култ во одредени краишта не заживеал. Споменот на овие светци се празнува заедно со споменот и на оние светци што имаат и посебни празници, за да се покаже дека сите верувале во еден Исус Христос и за него страдале. Се совпаѓа со Петрови поклади, бидејќи една недела по Духовден започнуваат Петровденските пости. Во манастирот посветен на овој празник во охридското село Лешани на овој ден се прави голем собир на кој се собираат луѓе на само од Дебрца, туку и од цела западна Македонија. На овој празник именден празнуваат некои што немаат именден во календарот.

Манастирот „Си Свети“ („Сите Светии“), кај селото Лешани, во областа Долна Дебрца, охридско, е единствен во Македонија кој им е посветен на Сите Светии. Со решение на Централниот завод за заштита на културно-историските споменици и реткости на Македонија, манастирот е прогласен за културно-историски споменик на Република Македонија. Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј од Охрид во 2005/2006 година изврши делумни археолошки ископувања под раководство на археологот Паско Кузман.

Манастирот е важен македонски просветно-културен центар. Првото келијно училиште во Дебрца било отворено во овој манастир, кое го посетувале деца од сите околни населби. Од тука зрачела и се ширела македонската национално-револуционерна мисла за ослободување на Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука