Забава Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Легендарниот „Disko Selektor“ на Драган Б. Костиќ доби веб страница

Скопје, 30. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Легендарниот „Disko Selektor“ на Драган Б. Костиќ отсега и на веб страница, која е изработена за промоција на брендот.

Пораката на врвниот радио и Тв новинар и диџеј ви ја пренесуваме во целост.

Време беше за Disko Selektor на Веб

Јас сум Драган Б. Костиќ, пет децении пријател на многу генерации, ваш пријател.

Дозволете ми, во петтата деценија на опстојот на брендот Disko Selektor, одбележувајки го, да ви го претставам новиот проект.

Години одминале. Со секоја од нив, се поцврсто верував, без оглед на општествените и сите други промени низ кое не само нашето туку и светското општество минувало, дека 29 јуни е ден на македонскиот естраден (музички) белег. Вреден за спомен, вреден за одбележување.

Не дека до него не сме имале блесоци на поединци, но сите траеле колку траеле, не дека тие не оставале свој печат во времето, но ниту еден, не бил толку силен, долготраен, омилен меѓу многу луѓе од различни генерации. Факт е дека бил иницијален расадник на многу други емисии, чии основни варијанти биле во неговите емитувања.

ДА! 29-ти 1974 е денот кога за прв пат пред педесет години била емитувана емисијата Диско Селектор. До своето последно официјално регуларно издание на брановите на македонското радио на 29 ти јуни 2014. Тогаш полни 40 години, на иста бранова должина, под исто име, со истиот водител, дотогаш сигурно најдолговечна емисија во Европа (а можеби и пошироко). Со (неверојатни) дваесетина измени на терминот на емитување. Со недогледна листа на гости, прозорец кон светот, кој стана поблизок и подостапен низ емитуваното во него.Кој посочувал на квалитет, кој внимавал на јазикот, кој немал аверзија кон ниеден жанр и кои ги вбројувал во плеј листата, со цел за поцелосна информација, можност за споредба, но никогаш не наметнувал  сопствено мислење. Кој иницирал низ своите рубрики, нови емисии како Заборави ако можеш, Хит, Пријатели добар ден (Гиго и Цветко), Радио урнебес, Чартфајл, Кавервил….

Кој се придржувал до основните новинарски постулати – информација, едукација, забава. Веројатно затоа толку траел, под раководство на различни раководни структури, и ќе траел доколку во еден миг на врвот на таа структурна пирамида не застанал човек без  морални скрупули, без било какво професионално познавање на струката, естрадата, музичката култура. И заради чии лаги дека емисијата “со која растел” мора да продолжи да се емитува на националното радио и по престанокот на работната обврска на авторот. Кој ги одбегнувал (закажаните средби), со милион оправдувања. Чувствувам морална обрска да го напомнам и ова. По одењето од националното радио, остварив, преку ИЛЈАДА секојдневни емисии КАВЕРВИЛ (за кои сметам дека е најдоброто во мојот творечки опус и прв обид ДА ГО ВРАТИМЕ РАДИОТО ПОВТОРНО ВО СЕКОЈ ДОМ, бидејки емисијата се емитуваше на петнаесетина радио станици низ Македонија секојдневно, во различни дневно-ноќни термини според потребите на радио станици кои најмногу им одговараат), 120 двочасовни емисии ЧАРТФАЈЛ на радиото Слободна Македонија, и преку 60-тина Тв емисии Б СО ТОЧКА. Згора поставено на миксклоуд терминалот, во различни временски интервали, бројни емисии, Диско Селектор, Кавервил, Чартфајл и Заборави Ако Можеш.

Зошто сето ова?

Во изминатите децении се обидував и преку поинакви медиумски облици да делувам во сопствената одбрана мисија: да информирам за настани од светското музичко секојдневие, било да се тоа списанијата Диско Селектор, Шоу, Хит, со текстови по различни магазини, или популистички списанија како крстозборите Котелец и Бла бла. Имав два блога, Диско Селектор и Кодра, на фејсбук постои страната Диско Селектор која е повеќе од солидно посетувана, како и фејсбук страните Кавервил,  Чартфајл, Заборави ако можеш, и Македонска медиумска ризница, на два пати беа подготвувани веб страни, за да конечно, еве сега и тој мој проект веб страна е отворен пред вас. Молејки ве за трпение, бидејки ќе биде потребно време додека првично одбележаните рубрики се пополнуваат.

Што е целта на веб страната Диско селектор?

Да информира, едуцира и да забавува!

Содржината ќе биде онаа која ретко се среќава на македонскиот медиумски простор. Обично во овие времиња неретко се вели: нема веќе добра музика. ИМА! Но како поединци немате време да ја барате во интернет безкрајот. Затоа е воспоставен Диско Селектор. Да ја бара, наоѓа и да ве запознава со неа.

Што ми преостанува сега? Да се обидам да ги пронајдам како спонзори на овој обемен проект луѓето кои сиот живот ме тапкаа по рамо убедувајки ме “Ти си легенда”, сега да ме потапкаат и по џебот за да убавата замисла, стане реалност. И не да го повторуваат спомнатиот епитет. Би било доволно, помагајќи да кажат: “Ти си човекот кој се обидува да воспитува генерации”.

Би бил пресреќен ако биде така.

Не заборавајте да ги информирате пријателите за оваа веб страна, повторувајќи ја молбата: ИМАЈТЕ ТРПЕНИЕ, СЕ РАБОТИ!

Со почит,

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука