Избор Македонија Партии ТОП ВЕСТИ

Д-р Венко Филипче е нов претседател на СДСМ: Партијата ќе се врати уште посилна, време да се остават настрана личните интереси

Скопје, 30. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Неврохирургот, д-р Венко Филипче, поранешен министер за здравство е нов претседател на СДСМ.

Според 95 проценти од обработените 77 избирачки места, Филипче освои 9.052 гласа што е околу четири пати повеќе од Јован Деспотовски за кои гласале 2.705 гласачи, а Александар Бајдевски освоил 905 гласови. За Славјанка Петровска гласале 190 гласови, додека неважечки се 174 гласови.

Членството му даде поддршка на Филипче на вонредните внатрепартиски избори на кои силите ги одмери со Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ, и Александар Бајдевски, поранешен заменик министер во МИОА. Помеѓу кандидатите беше и поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска, но таа на прес конференција најави дека се повлекува од трката поради бројни злоупотреби при регистрацијата на членови, а преку писмо од изборната комисија побарала и нејзиното име утре да не стои на избирачкото ливче.

– Спроведен е беспрекорен изборен ден. Имавме конкурентни избори со повеќе кандидати. Сите научивме по нешто. СДСМ го демонстрираше демократскиот капацитет кој како претседател ќе го негувам во иднина. Ветувам дека ќе направам се’ да не ја изневерам довербата. Победата е огромна одговорност кон членовите на СДСМ, кон сите наши граѓани и кон нашата држава. Моја цел е да ги вбризгам принципите на заедништво, другарство и взаемна почит. Сега е време за обнова на СДСМ, нема време за славење. Реорганизација и реформа со кои СДСМ повторно ќе победуба. Нема да е брзо и лесно, но нема друг начин да ја вратиме довербата кај граѓаните. Не можат промените да се половични, или да се лажираат. Промените мора да се вистински, искрени за да ги освоиме срцата на граѓаните, порача Филипче.

Тој додаде дека СДСМ ќе се врати уште посилна и дека сега е време да се остават настрана личните интереси и да се носат одлуки за општо добро.

– Ветувам дека нема да делам, туку ќе обединувам, ќе водам со пример и силно ќе им се спротиставам на сите кои ќе сакаат да ја ослабат партијата. СДСМ ќе биде приземна, отворена и модерна партија, подготвена за предизвиците кои следат. Многумина сакаа да ја видат партијата клекната на колена и се ситеа на поразот. Ќе го вратиме достоинството на партијата и ќе бидеме силна опозиција. СДСМ бил и ќе биде гласот на разумот и секогаш ја одбирала страната на напредокот и европските вредности, порача Филипче.

Денешните избори на кои победи Филипче следуваа по катастрофалниот пораз на СДСМ на парламентарните избори во мај, на кои партиајта освои само 18 пратеници и по седум години на власт замина во опозиција. Пратеничко столче доби и Венко Филипче.

Филипче е неврохирург кој во политиката сериозно загази во 2017 година, кога му беше доверен ресорот Здравство. Тој е пред сериозен предизвик како да ја врати СДСМ на партиските шини и да ја направи силна опозиција, а во кампањата се осврна на обединувањето како предуслов за успешно закрепнување на СДСМ и спречување на натамошни поделби. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука