ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија На кафе со... ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Тодороски: Во решавањето задачи наоѓам нешто што ме исполнува, математиката е еден вид уметност

Охрид, 2. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓанецот Леонид Тодороски е меѓу 6-те талентирани средношколци кои ќе ја претстават Република Македонија на Меѓународната олимпијада по математика што од 11-ти до 22-ри јули ќе се одржи во Англија.

Овој ќе биде најновиот во низата настапи на Леонид и шанса да ја збогати витрината со медали. Покрај учество на регионални и државни натпревари, математичките вештини ги презентирал и на Јуниорска и Балканска Олимпијада.

Вели љубов кон математиката покажал уште на пет годишна возраст, реашавањето задачи го исполнува, а математиката за него е еден вид уметност. Освен математиката, негова голема љубов е и биологијата.

Со Леонид поразговаравме и за тоа дали неговите соученици го консултираат кога ќе заглават со некој математички проблем, што прави во слободното време, но и каде се гледа себеси во иднина.

Супер радио: Kажи ни нешто за тебе, каде заврши основно, каде учиш сега и од кога покажа љубов кон математиката?

Тодороски: Основното училиште го завршив во ОУ „Григор Прличев“, а сега сум ученик во втора годiна во приватното средно училиште „Јахја Кемал“ во Струга. Љубовта кон математиката започна од 5 години кога за првпат без запознаен и изложен на основните концепти од математика, односно тоа беа некои едноставни аритметички калкулации. Очекувано, кога започна во училиште, особено во пониските одделенија, многу брзо ги решавав зададените задачи и кога учителката ни предложи во четврто одделение да учествуваме на циклусот на натпревари, без двоумење, го прифатив. Тогаш всушност беше првиот пат кога бев запознаен со вистинската убавина на математиката, што е многу подлабока, поинтересна од обичните аритметички калкулации. Продолжив на натпревари и стигнав до моментот каде што сум денес.

Супер радио: Се подготвуваш за учество на еден престижен натпревар, Меѓународната олимпијада по математика, дел си од македонскиот тим. Што тоа значи за тебе и како се подготвуваше?

Тодороски: Да се биде дел од шестчлената репрезентација што ќе ја претставува својата држава на Меѓународната математичка олимпијада е сон на секој натпреварувач кој влегува во циклусот на натпревари, но истото бара голема посветеност и долгогодишна работа. За да се стигне до самиот тим е ригорозен процес на селекција, се почнува од општински и сѐ до државен натпревар од каде се избираат најдобрите 40 ученици од сите четири години да учествуваат на Македонската математичка олимпијада, на која се врши дополнителна селекција на 12 ученици кои учествуваат на два натпревари. Едниот е селекционен натпревар за Балканска математичка олимпијада, а другиот е за Меѓународната и на крај се собираат поените од сите три натпревари, вклучувајќи и бонус поени за медал на Балканска математичка олимпијада. Што се однесува до подготовките за натпреварот траат преку цела година, но најинтензивни се во последниот месец и пол пред натпреварот. Секојдневно ни се испраќаат материјали за работа, а и два пати неделно имаме симулациони тестови. Тоа се два последователни дена во кои од 09:00 до 13:30 часот ни се испраќаат три задачи и ние треба да ги решиме во предвиденото време и да испратиме решенија на професорите кои нѐ подготвуваат и кои ќе нѐ водат на Олимпијадата.

Супер радио: За многумина математиката спаѓа во оние „потешките“ предмети. Каква мотивација е потребна за да се „троши“ времето на математиката?

Тодороски: Во решавањето задачи наоѓам нешто што мене ме исполнува и ми причинува задоволство, што произлегува од совладувањето на проблемите и стекнување нови знаења и вештини. Всушност математиката е еден вид уметност, решавањето задачи може да се спореди со компонирањето на песна или сликањето на слика. Бара знаење и искуство, но кога ќе се заврши, предизвикува восхит.


Супер радио: Те консултираат ли твоите соученици, познаници… кога ќе заглават со некој математички проблем?

Тодороски: Па, често се трудам на своите соученици да им помогнам да ги совладаат некои концепти, истовремено и со учесниците на олимпијадата сме константно во контакт и си помагаме, си помагаме, заедно ги решаваме и тоа трае во текот на целата година.

Супер радио: Покрај математиката, подеднакво си успешен и со биологијата, имаш учествувано на натпревари и освојувано награди.

Тодороски: Во основно училиште, од шесто до деветто одделение билологијата ме привлекуваше и одев на натпревари и дополнително и на физика. Природните науки ми го привлекле вниманието и сум се посветил на нив од најмала возраст и ми причинува задоволство. Кога почнав во средно училиште повеќе се посветив на физиката и не можејќи да ги изменаџирам сите натпревари за жал требаше да се откажам од биологијата, што не значи дека целосно се имам откажано. И натаму во слободно време истражувам работи, но не учествувам на натпревари.

Супер радио: Со што се занимаваш во слободното време?

Тодороски: Во слободното време, иако последниов месец и пол е ограничено, сепак се трудам да издвојам време да излезам со велосипед, обожувам да возам по планински рути. Тоа на некој начин ми дава можност да „избегам“ од секојдневните проблеми и малку да го растоварам мозокот, бидејќи сфатив дека за успех колку што се значајни напорните подготовки, значаен е и одморот. Покрај тоа, свирам инструмент, завршив основно музичко училиште во класата флејта, а изминатава година почна и сам да учам да свирам гитара. Секако се обидувам да издвојам време и за дружење.

Супер радио: Што би им порачал на младите во земјава?

Тодороски: Единствено што можам да им порачам е да се пронајдат себеси во нешто што навистина ги интересира и исполнува, да си постават некои цели и да работат на нивно постигнување. Нормално, патот кон било кој успех нема да е едноставен, ќе наидат на препреки. Истите треба да се поминат, бидејќи на крај за резултатот вреди целиот труд.

Супер радио: Кои се твоите планови за во иднина, каде се гледаш?

Тодороски: Очекувано, во иднина се гледам во некоја област во природните науки, особено нешто што е во тесна врска со математиката. Во која област од математиката точно, засега сѐ уште не знам. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес/приватна архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука