Охрид, 2. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Водата во Охридското Езеро е одлична за капење и рекреација на луѓето, како и за спортови на вода, покажува Извештајот на Центарот за јавно здравје на Република Македонија кој во периодот од 28-ми мај до 26-ти јуни зеде примероци на површинска вода од повеќе мерни места долж крајбрежјето на езерото.
Примероците се земени долж целото крајбрежје на Охридското Езеро, на потегот од „Свети Наум“ до село Радожда.
– Примероците ги исполнуваат законските барања во однос на физичко-хемиската анализа и истата се класифицира во прва и втора класа, освен на мерното место Едриличарски клуб „Езеро”, каде што површинската вода спаѓа во трета класа. Во однос на микробиолошките параметри, квалитетот на примероците површинска вода се класифицираат како „одлична“ во поголемиот дел од мерните места. Квалитетот на примероците површинска вода од мерните места село Калишта, Струга (плажа) и Канал „Студенчишта“ се оценуваат како класа „добра“, додека на мерното место Едриличарски клуб „Езеро”, површинската вода е оценета како „незадоволителна“, се наведува во Извештајот, јави vecer.press.
Eкипа од ЈЗУ Центар за јавно здравје од Охрид во тој период направи и санитарно-хигиенските и теренски увиди е да се откријат потенцијалните загадувачи на езерската вода и преземат мерки за нивно навремено санирање.
За заштита на Охридското Езеро изграден е колекторски систем кој ги собира отпадните води од градовите Охрид и Струга, кои потоа се пречистуваат во пречистителната станица во с. Враништа, но согласно постојните информации за извршениот санитарно-хигиенски увид од страна на ЦЈЗ Охрид, перзистираат објектите од последните години наназад кои не се вклучени во колекторскиот систем, а претставуваат потенцијални загадувачи, а тоа се хотелско-угостителските објекти, како и туристичките населби кои се сместени по должината на Охридското крајбрежје од хотел „Десарет“ до Св. Наум. На потегот од Струга до Радожда единствено приклучен на колекторскиот систем е хотелот „Макпетрол” преку колекторскиот систем од село Радолишта, хотел „Бисер“ и село Калишта.
– Автокамповите „Љубаништа” и „Ливадишта“; хотел „Св. Наум“, ресторан „Острово” и другите угостителски објекти во „Св. Наум“ приклучени на локалниот канализационен систем изграден во Св. Наум 2013 година, но истиот не функционира. Имено во фазата на третман на отпадни води постои само дробилка за фекалните материи, но не постојат филтри и нема хлорирање на отпадната вода пред испуст во езеро при што претставува директен загадувач на езерото. Принципот на работа на путекс-постројките се состои во механичко и хемиско пречистување (во автокамп „Градиште“) механичко, биолошко и хемиско (во камп „Љубаништа“), а во автокамп „Ливадишта“, принципот на пречистување на отпадните води е механичко и биолошко. За да можат путекс-постројките правилно да функционираат потребно е редовно празнење на коморите на три, шест или најкасно на дванаесет месеци, нивно механичко чистење, миење и дезинфекција, се наведува во Извештајот.
Како потенцијални загадувачи на езерските води се споменуваат приватните куќи во Охрид од плажата Сараиште до црквата „Св. Софија“ до крајбрежниот дел на населба Канео, како и приватните куќи од с. Радожда кои користат септички јами кои најверојатно понираат или се празнат директно во езерото. Потенцијални загадувачи се и шанкови поставени на самиот брег на Охридското Езеро, односно на самите плажи.
– Приватните куќи долж целиот брег како и селските населби: Трпејца, Љубаништа и Радожда за диспозиција на комуналните отпадни води користат септички јами чие празнење на места го врши јавната комунална служба. Во село Радожда, септичките јами од куќите или директно се празнат во езерото, или, бидејќи се наоѓаат на самиот брег од плажата, понираат во езерото и на тој начин се директни загадувачи на истото. Бидејќи станува збор за езеро со значителен број на извори, постојано струење на водата и голема водна маса, не се забележани позначителни промени во квалитетот на водата од езерото, нотираат од ИЈЗ.
Анализа е направена и на водата во реките кои се влеваат во езерото.
– Заради ограничен пристап и отсуство на вода во речното корито во најголемиот период од годината, од река Черава примероци вода за анализа не се земени Земените примероци од реките според Уредбата за класификација на водите согласно физичкохемиските параметри, се категоризираат од II класа, а микробиолошки В класа. Оваа состојба претставува значително влошување во однос на микробиолошките параметри од претходната година, кога река Сатеска била класифицирана во класа втора, додека Коселска и Велгошка Река во класа трета. Промената на класификацијата на езерската вода може да се должи на природното струење на водата или заради испуст на септички јами од страна на сопствениците директно во езерото, поради дефект на колекторскиот систем на одредени места долж езерскиот брег, но и заради атмосферската канализација во која се вклучени приклучоци од канализациониот систем за отпадни фекални води, се вели во Извештајот.
Од Институтот за јавно здравје предлагаат мерки/активности за подобрување и заштита на здравствената безбедност на крајбрежните (површински) води на Охридско Езеро кои се речиси идентични со претходните години. Оттаму сметаат дека е неопходно потребно целосна изградба и поврзување на колекторскиот систем, како и негова поправка на места каде има дефекти и приклучоци со атмосферска канализациона мрежа на истиот.
– Сите хотелско-угостителски објекти, приватни куќи, колективни станбени згради, како и селските населби што се протегаат по должината на Охридското крајбрежје од Св. Наум до селото Радожда, да се приклучат во колекторскиот систем а не во одводниот систем за атмосферски води. Пумпите од колекторскиот систем непрекинато да функционираат и да не се исклучуваат за време на обилни дождови и фекалните материи преку испустни цевки од колекторот, директно се испуштаат во езерото. Сите плажи ќе се мониторираат континуирано со земање примероци вода за испитување, по должина на плажата на секои 200 метри, се предлага во Извештајот.
Од ИЈЗ бараат во најбрз можен период да се најде техничко решение за вклучување во колекторскиот систем на населбите долж Охридското Езеро од градот Струга сè до селото Радожда.
– Коритата на реките кои се потенцијални загадувачи на езерото како и теренот околу нив постојано да се одржуваат и чистат еднаш до два пати во годината, и да се одржуваат постојано чисти. Да се откријат домаќинствата кои фекалните и другите отпадни води ги исфрлаат директно во речните корита и истите да се приклучат на колекторскиот систем (канализационен систем), велат од ИЈЗ. (Крај)
извор: vecer.press фото: ОхридПрес