Охрид/Струга, 6. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – На месеците јуни и јули во 2017 година се сеќаваме по многу работи, но и по серијата земјотреси кои го погодија регионот на Охрид и околината.
Кај многумина тогаш предизвикаа и страв, па имавме и случаи на кампување на отворено, закуп на приколки во околните авто-кампови и слично.
Како што одминуваше времето, многумина почнаа да реагираат на состојбата и со шега, па така настанаа и бројни шеги на социјалните мрежи, меѓу кои и ова „Земјотресно“ мени од Охрид.
Во исто време, Струга имаше сериозни проблеми со чадот од депонијата, па така тие го добија нивното „чадено“ мени.
Луѓето реагираат на проблемите различно, а шегата и ведриот дух секако се едни од излезите и во тешките времиња.
Од Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ неодамна потсетија на серијата земјотреси кои од средината на јуни, па се’ до крајот на август беа регистрирани во Охридското епицентрално подрачје, од кои најсилниот беше со магнитуда М5.0.
– Во периодот од 18-ти јуни до крајот на август 2017 година, Охридското епицентрално подрачје беше изложено на сеизмичка активност изразена преку серија на минорни до умерено силни земјотреси со магнитуден интервал M0.1 до M5.0, чие траење и повторување предизвика вознемиреност кај локалното население и туристите. Најсилниот земјотрес се случи на денешен ден, 3-ти јули 2017 година во 13 часот и 18 минути по локално време, со магнитуда М5.0 и макросеизмички интензитет од VII степени според Европската Макросеизмичка Скала. Земјотресот беше проследен со силен вертикален удар и звук, слично како на експлозија, што предизвика да го почувствуваат многу луѓе внатре во куќите, но и оние во зградите. Многу од оние што спиеле се разбудиле, а мнозинството се исплашиле и ги напуштиле своите домови. Беше забележано, бранување на водата во Охридското Езеро, заматување на водата во бунарите, но и појава на брановидни формации во почвата. Со послаби макросеизмички ефекти, овој земјотрес беше почувствуван низ целата територија на Републиката, но и блиските погранични подрачја, потсетуваат од Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес