Избор Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Градоначалникот Пецаков на средба со олимпијката со охридско потекло Анастасија Мојсовска

Охрид, 8. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков денеска оствари средба со младата стрелачка со охридско потекло Анастасија Мојсовска, која ќе ја претставува Република Македонија на Летните Олимписки игри во Париз 2024, во категоријата спортско стрелаштво.

– Денес имав можност да се запознаам со нејзините досегашни спортски успеси кои се вредни за почит. Навистина сум среќен што Охрид може да се пофали со уште еден талентиран спортист со охридско потекло, кој ќе настапи на најпрестижниот спортски настан во светот. Упатувам срдечни честитки до Мојсовска за нејзиниот пласман на Олимписките игри со желби за висок резултат и уште поголеми успеси во иднина. Општина Охрид во континуитет дава поддршка на спортот и особено е посветена на поддршка на талентирани спортисти кои остваруваат големи успеси, напиша градоначалникот Пецаков на профилот на Фејсбук.

Младата 22-годишна Анастасија Мојсовска ќе настапи во дисциплината 10 метри воздушна пушка жени – 60 истрели. Според програмата на Олимписките игри, македонската олимпијка ќе го има својот настап на 28-ми јули.

Нејзините почетоци се во СК „Охрид“, сега е член на СК „Стрелец” од Скопје, а тренажниот процес го реализира со Јордан Тасевски.

Покрај тоа што беше повеќекратен државен првак и рекордер на Македонија, остварила високи резултати на меѓународните натпревари. Таа тоа го докажа на последниот Светски куп во Минхен 2024 каде оствари нов државен рекорд и висок светски резултат од 628,8 кругови што е конкурентен за влез во финале на претстојните Олимписки игри во Париз, споредено со претходните во Токио каде што за влез во финале беа потребни 628,5 кругови.(Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука