Охрид, 8. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Отпадните води во автокамповите „Љубаништа” и „Ливадишта“, хотелoт „Св. Наум“, ресторанот „Острово” и другите угостителски објекти во „Св. Наум“, се директни загадувачи на Охридското Езеро.
Тие се приклучени на канализациониот систем, но истиот не функционира. Ова е наведено во последниот извештај за квалитетот и здравствената безбедност на површинските води за капење од природните езера и проценка на здравствениот ризик пред почетокот на сезоната за капење, кој го објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Надлежните, за да ја проценат состојбата на плажите и водата на Охридското Езеро за 2024 година, направиле теренски увиди и зеле примероци за лабораториска анализа пред и во текот на туристичка сезона, на целото крајбрежје на езерото – од Св. Наум до село Радожда.
– Во фазата на третман на отпадните води постои само дробилка за фекалните материи, но не постојат филтри и нема хлорирање на отпадната вода пред испуст во езеро при што претставува директен загадувач на езерото. Отпадните комунални води содржат разновидни микроорганизми кои се патогени и предизвикуваат болести кај изложената популација. Главниот ризик со кој се соочуваат луѓето кои се капат во контаминирана вода од отпадни води е зголемувањето на морбидитетот од одредени заболувања како што се болестите на гастроинтестиналниот тракт (дијареални заболувања), горните респираторни патишта, кожата, очите или ушите“, наведено е во извештајот, кој го подготвиле одговорните во одделението за безбедност на вода при ИЈЗ.
Оттаму наведуваат дека за заштита на Охридското езеро изграден е колекторски систем кој ги собира отпадните води од градовите Охрид и Струга, кои потоа се пречистуваат во пречистителната станица во с. Враништа. Но, согласно постојните информации за извршениот санитарно-хигиенски увид од страна на ЦЈЗ Охрид, постојат објекти од последните години наназад кои не се вклучени во колекторскиот систем, а се потенцијални загадувачи. Станува збор за хотелско-угостителските објекти, како и туристичките населби кои се сместени по должината на Охридското крајбрежје од хотел „Десарет“ до „Св. Наум“. Освен нив, тука се и хотелско – угостителските објекти и туристичките населби од Струга до селото Радожда.
– Единствено на овој потег приклучен на колекторскиот систем е хотелот „Макпетрол” преку колекторскиот систем од селото Радолишта, хотел „Бисер“ и селото Калишта. Потенцијални загадувачи се и приватните куќи сместени на брегот од Охридското Езеро од плажата „Сараиште“ до црквата „Св. Софија“, до приобалниот дел на населбата „Канео“. Освен нив, тука се и приватните куќи од селото Радожда кои користат септички јами кои најверојатно понираат или се празнат директно во езерото, стои во извештајот.
Како потенцијални загадувачи, одговорните ги навеле и шанковите поставени на самиот брег на Охридското езеро, односно на самите плажи.
– Приватните куќи долж целиот брег како и селските населби: Трпејца, Љубаништа и Радожда за диспозиција на комуналните отпадни води користат септички јами чие празнење на места го врши јавната комунална служба. Во село Радожда, септичките јами од куќите или директно се празнат во езерото, или, бидејќи се наоѓаат на самиот брег од плажата, понираат во езерото и на тој начин се директни загадувачи на истото. Бидејќи станува збор за езеро со значителен број на извори, постојано струење на водата и голема водна маса, не се забележани позначителни промени во квалитетот на водата од езерото, се додава во извештајот.
Сепак, во заклучоците, одговорните во ИЈЗ навеле дека според добиените резултати од анализите а согласно одредбите на Правилникот за начинот и мерките на управување со водите за капење, површинската вода од Охридско езеро во сите месеци се класифицира како „одлична“. (Крај)
извор: Мета фото: ОхридПрес