Струга, 6. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на Еко-свест Вевчани и Велосипедско друштво Рупикапра MТБ Струга, викендов се одржа Планинската вело тура Вевчанска Голина-Локва.
Над 130 учесници од целата држава, се запознаа и уживаа во убавините на Вевчани, планината Јабланица и Споменикот на природа Вевчански Извори. Турата која има за цел промоција на природните убавини и потенцијалот за велосипедски туризам на планината Јабланица ги освои импресиите на учесниците.
– За нас претставува чест и задоволство што сме домаќини на оваа вело тура. Идејата за организација на ваков настан изникна од потенцијалот на планината Јабланица за развој на велосипедски туризам и други авантуристички спортови кои ќе придонесат со престојот во природа да се запознаеме со природните богатства кои ни ги нуди планината и со заеднички напори да работиме на нивна заштита. Еко-свест ќе продолжи преку своите активности да работи на едукација на локалното население и посетители и промоција на природните убавини на заштитеното подрачје Споменик на Природа Вевчански Извори и планината Јабланица, вели Наум Илиески, проектен координатор на Еко-свест.
– Се радуваме на големиот интерес за велосипедската тура. Иако турата за прв пат се организира оваа година, интересот од велосипедистите од целата држава беше огромен. Се надеваме дека овој настан ќе прерасне во традиција и ќе ја организираме секоја година, додаде Душан Шутиноски, претседател на Рупикапра МТБ Струга.
Турата започна од Центарот на Вевчани со крајна цел Вевчанска Голина (локва). Патеката од Центарот на Вевчани продолжува по следниот редослед Вевчански Извори-Есејнца-Смолејца-Јанков Камен-Манастир „Св. Климент“-Горна Белица-Вевчанска Голина (Видиковец), па назад кон Вевчани преку Средни рид. Патеката е со должина од 30 километри и елевација од 1.100 метри. Секој од учесниците имаше можност со кратко планинарење до Вевчанска Локва да ужива во бисерот на Јабланица. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива