Охрид, 9. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Повелба за негување и унапредување на македонската хорска музика, со вакво признание се врати градскиот хор Vox Lychnidos од 29-то издание на еден од најпрестижните хорски фестивали со натпреварувачки карактер во регионот „Блистави гласови“, што се одржа во Ниш, Србија.
Сигурно, моќно и емотивно звучеа композициите Ubi caritas, Bum ta ka bum од охридскиот композитор Гоце Гавриловски, Konj и Besame mucho на летната сцена во Нишката тврдина. Публиката ги награди со долги аплаузи и овации, а квалитетот на хорскиот состав беше препознаен и од жирито.
Петте членови на жири комисијата како и организациониот одбор на фестивалот на прес конференцијата потенцираа дека настапот на хорот бил на високо ниво. Меѓу нив имаше стручњаци кои период наназад ги следат настапите на Vox Lychnidos и заклучија дека значително е подигнат квалитетот на хорскиот состав, благодарение на изборот на композициите и одличната соработка на хористите и диригентот за време на изведбите.
– Градскиот мешан хор Vox Lychnidos предводен од диригентот Бурим Хидри кој на извонреден и суптилен начин го вклопи хорскиот состав како еден компактен организам кој дејствуваше доста успешно при презентацијата на делата, беше речено на прес конференцијата.
Диригентот Хидри горд на своите хористи за овој значаен успех. Нашиот труд и посветеност беа препознаени и наградени вели тој за Супер радио и OhridPress.
– Ова наше успешено гостување побара од секој од нас да го дадеме максимумот. Тоа и го направивме. Делевме сцена и се натпреварувавме рамо до рамо со најдобрите светски хорови. Достојно ја потврдивме констатацијата дека ние сме „гласот на Охрид“ и го оправдавме овој епитет, потенцира Хидри.
Жирито позитивно го оцени и изборот на изведените дела, а посебно се осврнаа на композицијата Bum ta ka bum, која претставува современ израз сплотен во карактеристичен ритам преку разни комбинации на современи музички изразни средства. Композиторот Гоце Гавриловски не го крие задоволството од постигнатиот успех, што е потврда дека иако како аматерски состав, хорот Vox Lychnidos достојно и рамо до рамо може да се споредува и со професионалните хорови.
– Оваа награда е многу значајна, бидејки хорот беше единствен претсавник од Македонија и во голема конкуренција со 14 хорови од седум разни земји бевме наградени со Повелба за негување и унапредување на македонска хорска музика. Горд сум бидејки делото Bum ta ka bum придонесе за целокупниот успех при нашето претставување, истакна Гавриловски.
Освен учеството на овој престижен натпревар, дружбата со нивни колеги од други земји и моментите за паметење, хористите имаа уникатна можност да одржат неколку проби со еден од најдобрите светски едукатори и хорски диригенти Томас Каплин.
За членовите на хорот ова беше непроценливо искуство што ќе ги инспирира и во иднина да се залагаат и да се вложуваат во унапредување на хорската музика. Велат Vox Lychnidos е една преубава,посебна приказна која се надеваат дека во иднина ќе се прераскажува и на уште поголеми сцени. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес