Охрид, 10. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Д-р Асен Шајн поднедсе неотповиклива оставка од функцијата директор на охридската Општа болница.
Во дописот до министерот за здравство д-р. Арбен Таравари е наведено дека оставката ја поднесува од лични причини.
Шајн е специјалист по оториноларингологија, а со болницата раководеше од април 2022 година. Вели дека установата ја наследил со тешка финансиска состојба со блокирана сметка од август 2021 и бројни извршни решенија, застој во испорака на основни медицински и други материјали, лекови, кадровски недостатоци од стручен кадар посебно во одделението за педијатрија.
– Со мојата максимална посветеност и ангажираност успеав со мојот тим во почетокот на февруари 2023 година сметката на Општа Болница Охрид да се одблокира што е секако една од најзначајните работи што сум ги остварил со моето раководење во Болницата. Недостатокот на стручен лекарски кадар кој се создавал наназад многу години, го решив со вработување на 55 работни позиции од кои 22 доктори за кои издејствував веднаш да отпочнат со специјализација со посебен акцент на приоритетните специјализации како педијатрија, анестезиологија, офталмологија, инфектологија итн. каде имавме најголема потреба. За повторно враќање на одделот Педијатрија во нормален тек на работа успеав да трансферирам двајца готови специјалисти Педијатри од други здравствени установи, испративме 3 доктори на специјализација уште веднаш. Со трансферирање успеавме да преземеме специјалист по Психијатрија и Неврологија од други здравствени установи. Моментално на специјализација имаме вкупно 36 доктори, вели д-р Шајн.
Ги истакна заложбите на докторите на специјализација да им се исплатат заостанатите наодместоци за одвоен живот од предходни години во вкупен износ од речиси 10.000.000 денари, а за првпат во болницата неодамна беа доделени јубилејни награди на 15 вработени здравствени работници и соработници по повод 40, 30, 20 и 10 години работен стаж.
– Во мојата четиригодишна програма имав предвидено повеќе проекти за осовременување на работењето на болницата со приоритет за заштеда и намалување на трошоците како и воведување на нови специјалистичко дијагностички методи со набавка на нова опрема, која не успеав да ја реализирам поради поднесената оставка од функцијата Директор на ЈЗУ Општа Болница Охрид, рече д-р. Шајн.
Додава дека во периодот на неговиот мандат биле реализирани бројни донации за болницата од повеке локални бизнис фирми и од државни агенции.
извор: ОхридПрес фото: архива