ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Граѓани од населба „Гоце Делчев“ реагираат на намален притисок на вода за пиење, од „Водовод“ велат дека вршат проверки и чистење на ситата од водомерните броила

Охрид, 10. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Граѓани на Охрид кои живеат во населбата „Гоце Делчев“ (Бараки) се жалат на отсуство или слаб притисок на вода за пиење.

Тие се обратија до редакцијата на Супер радио и OhridPress, велат не можат да ги завршат основните работи во домаќинството, тука се и високите температури на воздухот, а тие се соочуваат со недостаток на вода за пиење.

За проблемот ги исконтактиравме надлежните во ЈП „Водовод“ Охрид. Оттаму соопштија дека дефектот на водоводната мрежа настанат во понеделникот, на 8-ми јули е саниран, но поради компликации настанати по санацијата, неколку домаќинства сѐ уште имаат намален притисок во водоснабдувањето.

– Бидејќи водоводната линија е поставена на непристапен карпест терен, по извршената санација кај дел од објектите дошло до запушување на водомерните броила, велат од претпријатието.

Додаваат дека нивни екипи се на терен и поединечно се вршат проверки и чистење на ситата од водомерните броила. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука