Избор ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

МОН ги објави квотите за запишување во прва година, на УИНТ „Св. Апостол Павле“ во Охрид има места за 364 бруцоши

Скопје/Охрид, 10. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за образование и наука денеска ги објави квотите за запишување во прва година – прв циклус на студии на јавните високообразовни установи во академската 2024/2025 година, согласно одлуката на Владата.

На Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид има места за 364 бруцоши (200 во државна квота, 90 со кофинансирање на студиите и 74 за вонредни студенти).

На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје слободни се 9.921 место од кои 4.761 за редовни студенти во државната квота, 4.210 за редовни студенти кои ќе ги кофинансираат студиите и 950 места за вонредни студенти.

Според утврдените квоти за слободни места, УКИМ денеска на својата веб-страница ukim.edu.mk го објави Конкурсот за запишување студенти на прв циклус студии во учебната 2024/2025 година за студиските програми на 23-те факултети во негов состав.

Како и во минатите години, најголем број слободни места има на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ (1.020), Природно-математичкиот факултет-ПМФ (1.030), Филозофскиот со 895 места, Филолошкиот факултет со 790, Правниот со 705, Економскиот факултет со 700 слободни места…

Цената на партиципацијата за студии за редовните студенти во државната квота е непроменета и останува 200 евра годишно, а за редовните што ќе ги кофинансираат студиите и за вонредните студенти износот е 400 евра како и во минатите години.

Во Конкурсот на УКИМ се содржани условите и критериумите за упис, начинот на пресметка на поените од државната матура и постигнатиот успех во средното образование и потребните документи за конкурирање.

Пријавувањето во првиот уписен рок е на 29-ти и 30-ти август, вториот е на 17-ти и 18-ти септември и третиот на 27-ми септември 2024 година.

Според квотите за запишување студенти што ги објави МОН и за останатите државни универзитети, на „Св. Климент Охридски“ во Битола ќе има вкупно 2.404 слободни места (1.309 за редовни студенти во државната квота, 679 за редовни со кофинансирање на студиите и 416 места за вонредни студенти).

На Државниот универзитет Тетово има вкупно 4.752 слободни места (2.477 во државната квота, 1615 со кофинансирање на студиите и 660 вонредни студенти).

На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип има вкупно 3.983 слободни места (за редовни студенти во државна квота 2.223, за редовни со кофинансирање на студиите 950 и за вонредни студенти слободни места има 810).

На Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје слободни се вкупно 1.805 места за студенти (во државна квота 1.260, 325 за редовни со кофинансирање на студиите и 220 за вонредни студенти). (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука