јули 11, 2024

Охрид, 11. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Високите температури на воздухот го „вжештија“ и телефонот во Службата за итна медицинска помош во Охрид.

Оттаму за Супер радио и OhridPress потенцираaт дека иако се уште не сме во шпицот на сезоната сепак деновиве значително е зголемен бројот на повици.

– Најголем број интервенции се на колапси, сообраќајни незгоди и тепачки. Ризични групи се повозрасните лица и хронично болните, но тегоби од високите температури чувствуваат и помладите лица. Препорачуваме консумирање повеќе течности особено вода, да се избегнува консумирање алкохол, редовно земање на препишаната терапија и поголема внимателност во сообраќајот, бидејќи високите температури ја намалуваат концентрацијата. Доколку е неизбежно да се излезе надвор во најтоплите делови од денот, со себе да се носи шише вода, посочуваат од Брзата помош.

Во повеќе наврати досега апелирале, а и сега повторно укажуваат до граѓаните на Охрид, но и ониелица од други градови од Македонија кои се на привремен престој тука, доколку не е итна состојбата, сите основни прегледи и консултации да ги вршат со своите матични лекари.

Во однос на екипираност сотојбата е иста. Од Брзата помош велат дека со истите екипи функционираат и во лето и во зима и даваат максимални напори да им излезат во пресрет на сите кои ќе имаат потреба, но апелираат на совесност и свесност кај секој поединец, да се грижи за сопствено здравје, да се пијат течности, да се избегнува изложување на топлина, како би си помогнале себеси, но и на здравствениот кадар. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука