Охрид, 12. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – „Белата чума“ го направи своето и за жал секоја година во Охрид, но и целата држава имаме се’ помалку деца во училишните клупи.
Иако проблемот е поизразен во руралните средини во околината на Охрид, се’ помал е бројот на ученици и во градските училишта. Само убави спомени останаа сеќавањата на паралелки со по 33 или повеќе ученици, а градските советници скоро секоја година ги гласаат одлуките за формирање паралелки со помал број ученици од дозволениот минимум.
– Имаме училишта кои се на два километра едно од друго, едното е централно училиште во кое има стотина деца, а во подрачното има две до три деца, и навистина е не е фер децата да не се приклучат кон своите другарчиња во централното училиште. Затоа правиме анализа дали да се затворат некои училишта, порача денеска од Охрид министерката за образование и наука во Владата на Република Макдонија Весна Јаневска.
На новинарско прашање дали ќе следи затворање на одреден број училишта во земјава, Јаневска рече дека има одредени региони и училишта кои секако не треба и не можат да бидат затворени, кои се на голема оддалеченост и тие ќе опстојат. Таа наведе дека проектот за оптимизација на училишната мрежа во земјава е во тек, со помош на УНИЦЕФ и Светска банка и во моментов се обновуваат податоците и се прават анализи.
– Проблемот со малиот број на деца во училиштата првенствено е проблем на децата. Јас би сакала тоа граѓаните убаво да го разберат. Тие деца, кои се по пет, шест во одредено село и тие деца се де факто изолирани од нивните врсници. Се наоѓаат во едно училиште, кое може да е реновирано, но главно се постари, сведени се сами на себе и на своите родители, наставници кои доаѓаат да ја реализираат наставата и одвреме-навреме се менуваат, но тие немаат информации за надворешниот свет и немаат можност да се социјализираат, да видат смарт табла, да видат ново модерно училиште, да се натпреваруваат со децата од сопствената генерација и дополнително да бидеме чесни и фер, тие училишта се товар на државата, се плаќаат режиски трошоци, рече Јаневска.
Минитерката рече дека станува збор претежно за училишта во руралните средини и додаде дека превозот на учениците ќе им биде платен и учениците ќе добијат оброк.
За учебната 2024/2025 година во охридските основни училишта досега се запишани вкупно 435 првачиња, поделени во 29 паралелки. Оваа бројка е за 10 помалку во однос на овој период минатата година, а дури 88 помалку во однос на учебаната 2022/2023 година. Овие бројки се заклучно со 31-ви мај. Најмногу првачиња се запишани во основните училишта „Григор Прличев“ (114) и „Христо Узунов“ (110).
– Во ООУ „Свети Климент Охридски“ запишани се 69, во ООУ „Братство Единство“ 54, ООУ „Кочо Рацин“ 33, ООУ „Живко Чинго“ село Велгошти 28, ООУ „Ванчо Николески“ село Лескоец 23 и ООУ „Свети Наум Охридски“ село Пештани 14.
Со оглед на тоа што уписи ќе има и во август се очекува бројот на децата што за првпат ќе седнат во школските клупи да се зголеми. Од локалната информираат дека при уписите била почитувана реонската распределба на ученици.
Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) објавени на крајот од март годинава. постои тенденција на празнење на основните училишта во државата. Така, на почетокот на учебната 2023/2024 година бројот на учениците во редовните основни училишта изнесувал 182.124, што претставува намалување за 1,6% во споредба со претходната учебна година. Според ДЗС, во Македонија на почетокот на учебнава година имало 955 основни училишта (едно помалку од лани) со 11.103 паралелки (13 помалку од лани) и 18.831 наставник (219 помалку од лани).
Трендот на иселување се должи на потрагата по подобри работни места и услови, можности за напредок, образование и квалификации, европски стандарди, правна држава… Во најновата публикација за миграциите во државата се посочува на податок на Евростат дека бројот на државјани на Македонија што престојуваат во европските земји на прием е зголемен од 229.366 во 2010 година на 299.506 лица во 2020 година, или за околу 70.000. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес