Избор Македонија Охрид Охрид некогаш ТОП ВЕСТИ

На денешен ден во 1922 година пуштена во сообраќај теснолиниската железничка пруга по која сообраќало вовчето „Ќиро“

Скопје/Охрид, 15. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – На денешен ден во далечната 1922 година беше пуштена во сообраќај теснолиниската железничка пруга од Ѓорче Петров во Скопје до Охрид и струшкото село Ташмаруништа.

За жителите на овој дел од државата, оваа пруга, а особено вовчето „Ќиро“ будат убави спомени.

Како живи, неизбришливи слики од некој филм ги „гледаме“ и ги „чувствуваме“ и ние со секоја измината педа на зазеленетите падини на Буковик планина, чиј највисок врв Тепе (1.528 метри) гордо се извишува. Планината половина век ги чува спомените на легендарното вовче „Ќиро“ од неговото последно патување, во мај 1966 година. Во народот познато уште и како „Ќирчо“, „Пампурче“, „Чајничето“… Популарното„чудо“ од вовче оттука секојдневно забревтано „грабело“ на патот Гостивар-Кичево-Охрид, во должина од 228, 5 километри, и обратно.

Кружело токму тука, околу гостиварското село Горна Ѓоновица и нејзината околина. На 765 метри надморска височина. Најмалку два часа. Зошто вовчето се движело со брзина од осум до девет километри на час. Патниците, знаејќи го тоа, особено кога „Ќиро“ доаѓал откај Охрид, слегувале на станицата „Ѓоновица“ над селото, и врвеле низ него. Буквално, имало време за се`. За починка, за освежување, да се касне нешто, да се посетат, ако се имаат, роднините и пријателите, да се склучат нови пријателства…И, пак, навреме да се „фати“ возот „Ќиро“ на другата железничка станица, под самото село! Наречена „Ѕвезда“.

Кажуваат, станицата името го добила според истоименото „Ѕвездино Кале“ или „Ѓоновичко Кале“, утврдување, чии остатоци и денес можат да се видат, а за кое народот верува дека го има изградено Ѕвезда, сестрата на Крали Марко. Со цел да го брани овдешниот премин од три страни: по долината на Лакавица, Падишка река и Ѓоновичка, односно Симњичка река, како уште е позната. Археолошки локалитет, познат и како Каја, кој всушност претставува утврдена населба од римско време и од средниот век. Се наоѓа на патот за селото Србиново, на левиот брег на реката Лакавица, на висок рид со зарамнето плато, каде се гледаат остатоци од фортификација и делови од една кула чии бедеми се зачувани, на места високи и до пет метри. Калето имало функција да ја штити комуникацијата Македонски Брод-Кичево. А, „Ѕвезда“, пак, е арехелошки локалитет, утврдена населба од железно време, од доцната антика и средновековието, што се наоѓа во самото село Горна Ѓоновица.

vozkiro2Величенствено испраќање

Оние што ја паметат теснолинејката, пруга со шини од 60 сантиметри, или потесни од стандардните, и притоа имале можност да патуваат со вовчето, раскажуваат, му требале 12 часа да стигне од Гостивар до Кичево, а до Охрид дури едно деноноќие. Или, ако се` било во ред, точно 19 часа и 20 минути. Знаело да се случи и некој вагон и да „излета“ од тесните шини, па со лостовите, што задолжително се носеле, да се врати назад и безбедно да се продолжи патот. Локомотивата, велат, „гладта“ ја заситувала со дрва и ќумур, а зимно време, кога дувало од сите страни, во секое купе баботеле ќумбињата – пампурници. По нив и било завикано „Пампурче“. Да не биде подолу од било кој друг тогашен воз, имал и прва и втора класа. Поевтината карта нудела патување на дрвени клупи, а поскапата „комфорно“ на истите тие клупи, само преоблечени со чоја.

Народот сакал и патувал со славниот „Ќиро“. За некои, веројатно, тоа било можност за исклучителна авантура, вистинско патешествие и, секако долгочасовно уживање во убавините на природата и пределите што се минувале. Но, за повеќето луѓе тој бил нужна потреба и извор на единствена егзистенција. Се` до 1966 година, кога му пресудиле: „Ќиро“, секоја чест, чесно си ја врши работата и навистина добро служи, но мора да замине во пензија!

vozkiro6Веста ги растажила и ги вознемирила мештаните од селата долж неговата траса. Пред се` од Буковик планина. Голем број тукашни семејства живееле само од железницата. Најчесто работеле на одржување на пругата во овој дел и во двете, горната и долната селска железничка станица. Живееле спокојно, задоволно и исполнето. Се` додека не се соочиле со реалноста на укинувањето на пругата на Буковик планина, како нерентабилна. И додека долу во подножјето се пробивал најдолгиот железнички тунел во Македонија во должина од 7, 5 километри денес познат како Буковик тунел, луѓето испаничени и загрижени за судбината и иднината на семејствата, полека, полека почнале да си бараат чаре надвор од Горна Ѓоновица. Така со заминувањето на „Ќиро“ заминале во Гостивар најмногу, па во Скопје, а некои дури и надвор од Македонија. Сметале, а и денес многумина го делат мислењето, дека е направена голема грешка и дека ако вовчето го оставеа да сообраќа барем во овој дел од железничката линија, па и онаа до Охрид и Струга, ќе беше вистинска македонска туристичка профитабилна атракција. А, веројатно немаше ниту така да опустат некогаш полните со живот населени места на Буковик планина.

Постарите, кои тогаш биле деца, со носталгија се сеќаваат на испраќањето на неговото последно патување, пред точно половина век. Кажуваат, тој мај, на денот на последното патешествие, било величенствено. Се застанувало на секоја негова попатна станица до крајното одредиште. Патниците се пречекувале со погача и сол, некаде се служел и локум со ладна изворска вода. Пред „Ќиро“ и насобраниот народ од селата – домаќини, свиреле зурли и тапани, а млади моми и момчиња во народна македонска носија, играле и пееле. Искпучок не била ни Горна Ѓоновица.

vozkiro3

Колку вовчето „Ќиро“ било навистина популарно и колку луѓето тажеле што заминува во историјата, зборува и податокот што „Вардар филм“, првата филмска продукциска куќа во Македонија, формирана 1947 година, снимала документарец од неговото последно патување на релацијата од Гостивар до Охрид.

Легендата живее

Денес вовчето, или она што е од него автентично останато, композиција од локомотива, два патнички и по еден товарен и сточен вагон, кое сообраќало на теснолинејката на релацијата Скопје-Охрид до Ташмаруништа, струшко, како експонат стои во паркот на скопски Ѓорче Петров, близу местото каде што некогаш беше железничката станица „Ѓорче Петров“. Втората парна локомотива е пред железничката станица во Кичево. Двете, достоинствено им се инаетат на годините и потсетуваат на некогашното нивно „златно“ време.

Приказната за старото мало вовче, кое народот милуваше да го нарекува со различни имиња, може да се проследи на спомен таблата поставена пред една од неговите сочувани локомотиви во паркот во Ѓорче Петров. Таа започнува со трасирањето на теснолинејката од Скопје до Охрид, во Балканските војни 1912-1913 година од Србија, во Првата светска војна во 1916-1918 година од Германија и Бугарија, а по оваа војна е завршена од Кралството на СХС.

vozkiro5Делниците биле пуштани етапно. На 25-ти март 1919 од Ханриево, или старото име на Ѓорче Петров, до Гостивар, во должина од 61,50 километри, потоа на 15-ти јули 1922 година Кичево – Охрид во должина од 82, 3 километри, па на 5-ти август од Подмоље, охридско до Ташмаруништа, струшко, со должина од 22, 4 километри и на крајот, на 26-ти јули 1923 година од Мала Станица (Скопје) до Ханриево (Ѓорче Петров), траса од 5,10 километри. Тогаш и вака всушност овие македонски градови и населени места за првпат добија железничко поврзување, после 1878 година кога е пуштена линијата Скопје-Солун.

Примарната функција на пругата Скопје-Охрид служела за снабдување на војските кои се бореле на Солунскиот фронт. После Првата светска војна теснолинејката продолжила да функционира со редовни линии, патнички и товарни. Бидејќи транспортот од Ѓорче Петров до Скопје и обратно чинел скапо затоа што се одвивал со запрежни коли, во 1923 година пругата Ѓорче Петров-Охрид е поврзана со Скопје. Местото на почетната станица на малото вовче, аналогно на него, станала „Мала станица“ и се наоѓала спроти зградата на некогашната „Нова Македонија“.

vozkiro1Малото вовче го влечеле дваесет тонски парни локомотиви со влечна сила од 50 тона кои биле произведени во Германија од фирмата „Хенцскел“ во 1917 година. Ги опслужувале 5 лица: машиновозач, ложач, возоводител, кочничар и кондуктер. Таа во Македонија била во употреба до 1969 година кога завршува постепеното демонтирање на теснолинејката. Имено, на 8-ми мај 1948 година прва се демонтира линијата со тесен колосек Скопје-Ѓорче Петров и се заменува со нормален колосек. Потоа следи онаа кон Кичево, но во две фази. Првата до Гостивар, чија замена е завршена на 25-ти мај 1952 година, вториот дел од трасата до Кичево е заменета во 1969 година, а делот до Охрид останува само како проект.

По само два месеца, на демонтираните шини, прагови, локомотиви и вагони од пругата Скопје-Ѓорче Петров им се вдахнува нов живот. Се префрлаат за ново трасирање, за превоз на патници од Градскиот парк во Скопје-Ѓорче Петров – до селото Глумово. И како такво функционира во периодот од 1948 до 1972 година.

vozkiro4Имено, на 21 јули 1948 година, во сообраќај се пушта „Пионерско вовче“ кое служело за рекреација и за забава на населението. Било наречено така по кондуктерите кои биле пионери, деца на железничарите од блиската железничка колонија. Тие биле одговорни за сигнализацијата за тргнување и застанување на возот. Неговата траса била од денешното Езерце во Градскиот парк, како почетна станица, низ тогашната густа шума во паркот, па по течението на реката Вардар и нејзините плажи, преку железничкиот мост на Вардар до Ѓорче Петров и понатаму до излетничкото место Сарај, се` до крајната станица во селото Глумово, покрај излетничкото место Матка на реката Треска. Се` до 1972. малото вовче било вистинска градска туристичка атракција. (Крај)

извор: МИА/Кети Мицковска фото: архива видео: Branko Ristovski/ZOOTROP STUDIO/Kicevo.mk

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука