Избор Култура Општина Вевчани ТОП ВЕСТИ

Изложба на дела од третата Детска ликовна школа „Вевчански видувања 2024“

Вевчани, 14. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во Мултикултурниот центар „Коста Србакоски“ во Вевчани, вечерва од 19:00 часот ќе биде отворена Изложбата на дела од третата Детска ликовна школа „Вевчански видувања 2024“.

Покрај учеството на познати сликари, и оваа година колонијата реализира посебен настан: околу 60 млади талентирани дечиња земаа учество на „Детска ликовна школа“, која ќе поттикне креативност и уметничко изразување кај нив.

– Во соработка со Амбасадата на САД во Македонија успеавме да реализираме еден проект што придонесе нашите ученици да имаат можност на неколку работилници да работат со истакната професорка од Универзитетот за уметност во Минесота- Робин Шварцман. Исто така, заедно со училиштето за сликање од Битола АДАМС АРТ и наставничката Анкица Стеваноска реализиравме неколку работилници што резултираше со прекрасни дела кои ќе имате можност да ги погледнете до 6-ти август во МКЦ Вевчани, информираат организаторите.

Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ изминатите 13 години прерасна во значаен културен настан кој поттикнува креативност, соработка и културна размена. И оваа година колонијата во соработка со АД „Шпаркасе Банка“ Македонија реализираше проект со кој млади студенти и новодипломирани сликари, кои имаа уникатна можност да работат заедно со утврдени уметници и да стекнат непроценливо искуство. Едукативниот карактер на колонијата од година во година расте и се развива во различни правци.

Изложбата може да се погледне секој работен дел во периодот од 10:00 до 18:00 часот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука