Охирд, 14. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Синоќа во Охрид беше промовирана книгата „Додека спиеш“ од македонската поетеса Биљана Стојановска, во издание на издавачката куќа „Чудна шума“.
Пред присутните за поезијата на Стојановска говореше Билјана Црвенковска, уредник на „Чудна шума“, а стихови интерпретираа: Ана Голејшка Џикова, Долорес Атанасова-Лори, Снежана Стојчевска и Елена Митреска, јави Република.
– Стојановска умее со природноста на Господинов, да напише стихови за празнење на цревата и тоа да биде поетично. Умее во песните да даде неочекуван пресврт или ефект на изненадување, но умее и од реалност незабележливо да нѐ внесе во бајка и да нѐ воодушеви со магичниот реализам. Да ни раскаже приказна за камионот со сладолед и за вкусовите на летото среде зима, но и да нѐ тресне од сивиот бетон и да нѐ врати во реалноста на болничките соби каде што луѓето се обидуваат да си го вратат достоинството и да си ја задржат главата на рамена, вели Снежана Стојчевска во рецензијата за книгата.
Биљана Стојановска е родена 1984 година. Има дипломирано на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на отсекот за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Во 2015 година ја објави нејзината прва збирка поезија „Зборовите немаат значење“ во издание на „Антолог“. Добитник е на книжевната награда „Тодор Чаловски“ за 2017 година за книгата „Стан што се распаѓа“ (2018, „Галикул“). Нејзината поезија е преведена на англиски, германски, кинески, српски, полски, словенечки јазик, а застапена е и во повеќе списанија за литература и антологии.
– Прв пат имам промоција надвор од Скопје и многу ми е драго дека тое е токму на едно од најубавите места во Охрид. Кога се договаравме за промоцијата прво реков, ама јас немам охридска публика, меѓутоа се покажа дека тоа не е вистина. Им благодарам на охриѓаните кои активно следат што се случува на современата книжевна сцена и на стружаните. Многу ми е драго што дојдовте и посакувам да уживате во интерпретацијата на мојата поезија од овие четири жени на кои посебно им се заблагодарувам бидејќи без нив ова немаше да се случи, рече Стојановска. (Крај)
извор: Република.мк фото: Република.мк