Охрид, 14. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – На Преспанско Езеро му се случува забрзано исчезнување. Во однос на ланскиот јули, нивото е пониско за цели 39 сантиметри, иако според досега воспоставената динамика на намалувањето беше очекувано намалување од околу 18-20 сантиметри.
Професорот од Битола, Дејан Трајковски посочува дека при површина на езерото од околу 258 квадратни километри, за една година се неповратно изгубени околу 100 милиони кубни метри вода, од што половината се непланирани, односно повеќе од повеќегодишниот тренд.
– Истовремено може да се констатира дека количеството на снежни врнежи на планините минатата зима потфрлило, што директно се одразило и на езерото. Како што се гледа од дијаграмот, годинава првпат максимумот на сината линија не ја достигна горната (зелена) линија на трендот, што е означено со овалната портокалова линија. Тоа се одвишно одлеаните педесетина милиони кубни метри вода. Инаку и ланската година немало да биде достигната горната линија на трендот, но благодарение на обилните врнежи кон крајот на јуни, сепак бил фатен чекор со планираниот тренд, вели Трајковски, јави vecer.press.
Летнава сезона езерото ја започнува од многу ниска стартна позиција. До крајот на ноември, кога што се очекува годинешниот минимум, се очекува спуштање на нивото за околу 55 сантиметри, што може да го одведе нивото на нов стогодишен минимум, најмалку до кота од минус 625 сантиметри.
– Доколку се оствари ова ужасно сценарио поради отсуство на врнежи и при сегашната загуба на водата, ланскиот минимум би бил пробиен за дури 30-35 сантиметри. Тука се работи за природна стихија што не можеме да ја сопреме, но ако се сопре исцрпувањето на водата заради наводнување, можеме барем малку да го подзабавиме ова исчезнување на езерото пред нашите очи, потенцира Трајковски.
Во спас на Преспанското Езеро се вклучуваат Европската Унија и УНДП кои со 14 милиони евра ќе помогнат во финансирање на проекти за развој на одржливо земјоделие и туризам, а ќе спроведат и крупни инфраструктурни интервенции за справување со крупниот отпад и отпадните води и поттикнување на регионалниот развој. Проектите беа промовирани во изминатиов петок во Ресен.
– Успехот, секако ќе зависи од блиското партнерство меѓу властите, граѓанското општество, бизнисот и решителната политичка посветеност од трите земји во регионот, изјави амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија во Македонија.
Програмата „ЕУ за Преспа“ ќе помогне и во справување со загадувањето на водата и почвата, како и за заштита на ендемските видови во Преспанското Езеро.
– УНДП активно го подржува Преспанскиот регион од 2004 година. Со овие проекти заедно со ЕУ ќе продолжиме со промоција на добрите земјоделски практики. Со изградбата на системите за управување со отпадни води, повеќе од 1.500 жители на 6 села ќе имаат и пристап до модерни и ефикасни решенија за справување со овој предизвик а мрежата за собирање на цврст отпад, ќе се прошири со 11 села и над 1.100 жители , со што ќе се спречи загадувањето на животната средина со повеќе тони отпад секоја година, изјави Армен Григорјан, постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации.
Чистата вода со која се „храни“ Охридското Езеро, главно доаѓа од карстните терени на околните планини. Најголем дел од водата доаѓа од повисокото – Преспанско Езеро и преку подземни пукнатини низ планината Галичица, избива на повеќе места во вид на силни извори – врутоци покрај источниот брег. (Крај)
извор: vecer.press/ОхридПрес фото: ОхридПрес/vecer.press