Охрид, 15. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Започна летната програмска шема на Супер радио за лето 2024-ти.
За слушателите, од медиумот кој годинава полни 32. години успешна работа, како и секоја година подготвуваат посебно прилагодена и опуштена програма, со многу музика, забава, но и подароци за своите најдобри слушатели.
– Утрото секако го започнуваме без гајле со Жанко ЗШ Голабоски во „Охриде не бери гајле“ од 08:00 до 10:00 часот, кој ве подготвува за уште еден прекрасен летен ден, по што следува посебен појас максимално ослободен од радио елементи со многу музика и преку кој заеднички ќе одиме на плажа од 12:00 до 15:00 часот и уште многу изненадувања. Музиката е веќе прилагодена на летниот ритам, значи, се надеваме дека сите заедно ќе имаме едно долго, топло, опуштено и работно лето, вели Јане Стефанов, првиот човек на Супер радио.
Инаку, охридските „Тамаро“ маркети и Супер радио, како број 1 медиум во регионот, и ова лето ги продолжуваат традиционалните летни промоции и соработката со најголемите компании.
За своите потрошувачи и слушатели се подготвени вредни подароци, но и проверена забава со екипата на Супер радио на најпопуларните охридски плажи и пред најголемите маркети на „Тамаро“.
– Ја продолжуваме традицијата, која трае повеќе од десет години и во рамките на која секое лето носиме многу радост и насмевки кај нашите сограѓани, но и гостите кои уживаат во нашиот град. И ова лето имаме предвидени активности во текот на најатрактивните месеци – јули и август. Ќе се дружиме, ќе подаруваме вредни награди, ќе се забавуваме… Сето тоа во опуштена атмосфера, како што доликува на уште едно долго, топло и прекрасно лето, додава Стефанов.
Проектот веќе стартуваше, а за сите охриѓани и гостите се предвидени и вредни подароци кои ќе се доделуваат на Супер радио, секој работен ден, од понеделник до петок, од 09:30 до 16:00 часот, во рамките на летната програмска шема. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес