Економија Избор Локална самоуправа Македонија Охрид Партии ТОП ВЕСТИ

Мицкоски: Во Охрид се случува инвестициски бум

Охрид, 15. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски денеска оствари теренска посета на Општина Охрид каде изврши увид во градба на постоечки и го одбележа почетокот на градба на повеќе проекти.

Заедно со градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков тој присуствуваше на поставувањето на камен темелник на спортска сала во село Лескоец, Општина Охрид. Со ова после 30 години, во склоп на ОУ „Ванчо Николески“ започна изградба на спортска сала со обем од 592 м2, која вклучува повеќенаменско спортско игралиште.

– Јас сум навистина горд и среќен што сум дел од почетокот на оваа спортска сала. Градоначалникот има прилично амбициозна агенда, самиот кажа дел од проектите кои се веќе во процес. Инаку вредноста на овој проект е некаде околу 30 милиони денари, плус булеварот кој подоцна ќе го посетиме над 40 милиони денари, плус повеќенаменско игралиште итн. Заедно со училиштето кое што се работи, еден навистина импозантен инвестициски циклус и дополнително сега со ребалансот ќе бидат предвидени средства за општините и за нови проекти за до крајот на оваа година. Подготвени се од општината проекти за следната година, така што тоа што со децении не било работено овде во Охрид и низ Македонија, ќе биде сработено сега. И навистина сум горд што можам како претседател на Владата да бидам дел од сите овие почетоци, а се надевам дека наскоро од сега ќе бидам дел и од завршувањето и пуштањето во употреба, бидејќи на крајот од денот тоа е и важно, истакна Мицкоски.

Градоначалникот Пецаков напомена дека станува збор за проект кој е ветуван триесетина години и благодарение на посветеноста на оваа локална власт конечно излезе на виделина.

– Се работи за инвестиција која значително ќе ги подобри условите за спортување за најмладите, спортистите и за сите жители од ова населено место, истакна Пецаков.

Премиерот Мицкоски денеска имаше увид и во градежните активности при реконструкцијата на улицата „7-ми Ноември“. Овој проект опфаќа реконструкција на коловозните и тротоарски површини, изградба на нова велосипедска патека и изградба на атмосферска канализација во должина од 700 метри. Вкупната вредност е над 43 милиони денари.

– Инфраструктурата е од суштинско значење за развојот на општеството и ние како Влада сме сериозно посветени на сите ветени проекти, истакна Мицкоски.

Градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков напомена дека улицата „7-ми Ноември“ е реконструирана по сите современи стандарди и во голема мера ќе ги подобри условите за сите учесници во сообраќајот.

– Во рамки на проектот за реконструкција извршено е постaвување на нов асфалт на коловозната лента. Изведени се нови тротоарски површини, извршена е изградба на нова велосипедска патека и нова атмосферска канализација во должина од 700 метри. Поставена е нова мрежа за јавно осветлување и соодветна хоризонтална и ветрикална сообраќајна сигнализација. Исто така извршено е спуштање под земја на сите видови инсталации по целата должина на улицата. Вкупната вредност на оваа инвестиција е 43.240.288 денари, а средствата се обезбедени од Буџетот на Општина Охрид, порача Пецаков.

Премиерот Мицкоски денеска присуствуваше на пуштање во употреба на детско повеќенаменско спортско игралиште во населбата „Видобишта“.

– Со изградбата на ова мултифункционално игралиште Општина Охрид продолжува да инвестира во спортската инфраструкура која е од големо значење за правилен раст и развој на најмладите. Игралиштето кое ќе биде наменето за фудбал и ракомет се протега на површина од 1.320 м2 и на истото ќе биде поставена специјализирана гумирана подлога на површина од 230 м2. Покрај делот кој е наменет за спортување ќе се изврши хортикултурно уредување на целиот простор и ќе биде поставено соодветно осветлување. Вредноста на оваа инвестиција е 7.622.151 денари и истата е целосно финансирана од буџетот на Општина Охрид, истакна Пецаков.

Министерот за спорт, Борко Ристовски, во рамки на неговата денешна посета на Охрид изврши увид и на состојбата на затворениот базен, при што беше најавено дека ќе се раскинува договорот со актуелниот економски изведувач, а кон крајот на летото ќе се избира нов економски оператор кој ќе има задача да го заврши проектот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука