Париз/Охрид, 27. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Младата и супер талентирана 0хридска стрелачка Анастасија Мојсовска денеска ќе настапи на Олимпијада која се одржува од 26-ти јули до 11-ти август 2024 година во Париз, Франција.
Анастасија ќе настапи во дисциплината 10 метри воздушна пушка, натпревар кој на програмата на Олимписките игри е денеска.
Анастасија неодамна истакна дека настапот на олимпијадата за неа претставува остварување на нејзиниот спортски сон и освојување на уште еден спортски врв кој ја оформува како професионален спортист-стрелец.
– Чувството е феноменално, неизмерно сум среќна што сум дел од олимпискиот тим и ја имам шансата да ги бранам боите на нашата држава. Очекувам квалитетен светски резултат за кој сум подготвена, а со кој достојно ќе се претставиме на оваа олимпијада, вели Анастасија.
Нејзините почетоци се во СК „Охрид“, сега е член на СК „Стрелец” од Скопје, а тренажниот процес го реализира со Јордан Тасевски.
Анастасија Мојсовска е млада спортистка, има 22 години, но е веќе докажана како стрелец. Покрај тоа што беше повеќекратен државен првак и рекордер на Македонија, остварила високи резултати на меѓународните натпревари. Таа тоа го докажа на последниот Светски куп во Минхен 2024 каде оствари нов државен рекорд и висок светски резултат од 628,8 кругови што е конкурентен за влез во финале на претстојните Олимписки игри во Париз, споредено со претходните во Токио каде што за влез во финале беа потребни 628,5 кругови. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива