Избор Култура Струга ТОП ВЕСТИ

Објавена програмата за 63. „Струшки вечери на поезијата“

Скопје/Струга, 19. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Објавена програмата за 63. издание на „Струшките вечери на поезијата“.

Ќе се одржат од 22-ри до 26-ти август 2024 година, со учество на повеќе од 25 странски и домашни поети од постарата и помладата генерација. Фестивалот годинава оди под мотото „Допир на убавината“, потенцирајќи го контактот на човекот со убавината, отелотворена во поетскиот збор, но и како почит кон иновирањето на Брајовото писмо, преку кое слепите лица се поврзуваат со поезијата.

Во рамките на одбележувањето на 90 и 95-годишнините од раѓањето на нашите истакнати поети Петре М. Андреевски и Гане Тодоровски, ќе биде објавен избор од нивната поезија со Брајово писмо, што го подготви професорката Кристина Николовска. А, поетскиот портрет на добитникот на Златниот венец, истакнатиот француски поет, Жан-Пјер Симеон, традициоонално ќе се одржи во црквата „Света Софија“ во Охрид.

– Во рамките на програмата, предвидени се портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“. Годинешна добитничка е германската поетеса Катрин Пиц, за нејзината дебитантска збирка „Вакви денови имало одсекогаш“, како и портретот на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“, за 2024 година, кој ќе биде објавен на самиот почеток на август. Конкурсот траеше до 25-ти јуни. Истакнатиот шведски поет Бенгт Берг ќе биде претставен со избор поезија. Оваа година во рамките на фестивалот ќе биде претставена и добитничката на возобновената награда „Млада Струга“, Филипа Сара Попова. Во рамките на програмата на СВП ќе биде организиран специјален настан , поврзан со настапот на избраните поети од платформата „Версополис“, проект поддржан од Европската комисија, кажа Тодорче Тасевски, директор на „Струшките вечери на поезијата“. (Крај)

извор: Тв Телма фото: Тв Телма

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука