Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Beach Film Festival: Вечерва на бродот „Армада“ панел дискусија за неопходноста од филмска едукација во училишните програми

Охрид, 20. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на Beach Film Festival, денеска од 17:00 часот, на брод „Армада“ ќе се одржи панел дискусија 0на тема „Неопходноста од филмска едукација во училишните програми, но и во рамките на неформалното образование во културните институции, организации и центри“ која е во организација на Кинотеката на Република Македонија и Гете-институт Скопје.

Оваа панел дискусија е дел од проектот филмЕД (filmED), во кој НУ Кинотеката на Република Македонија (петти партнер во спроведувањето на проектот) заедно со Гете-Институт Скопје, има за цел да развие и имплементира програми за обука за наставници и едукатори кои ќе стекнат знаења и практики за воведување на филмското образование во наставните програми.

Методологиите и практиките развиени во рамките на проектот преку веб-платформа ќе бидат достапни за сите оние кои сакаат да имплементираат филмска едукација наменета за деца од различни возрасти. Со оглед на проблемите со кои се соочуваат, потребно е да се постави прашањето, кои практики би биле од голема корист за просветните работници и наставниците во обидите да го интегрираат филмското образование во нивните програми. Панел дискусијата ќе се обиде да укаже на овие проблеми, да ја истакне нивната важност и да започне дискусија за нив.

Учесници на панел дискусијата ќе бидат Дамјана Патчева (виш филмолог во Кинотека на Македонија), Саша Станишиќ (режисер и координатор на „Филмска училница FIMAY“), Гордана Бабоска (Стручен соработник за образовна соработка во Гете-институт Скопје), Ана Опачиќ (директор на фестивалот БФФ), Ивана Маховска-Шикалеска (наставник во ОУ „Григор Прличев“ во Охрид) и Емилија Ристановска (наставник во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје). (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука