Белград/Охрид, 21. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Морското крајбрежје е избор за повеќето луѓе за нивниот летен одмор, но многумина спасот од горештините го наоѓаат и во планините и езерата. Едно од најубавите езера, кое е чест избор на Србите, е македонското Охридско Езеро кое толку наликува на морето.
Охридското Езеро се наоѓа во југозападниот дел на Република Македонија. Зафаќа 350 квадратни километри, а од 1979 година е дел од светското културно наследство на УНЕСКО, објави српскиот портал b92.net во сегментот посветен на патувањата.
Цените за сместување во Охрид се многу прифатливи, па ноќевање може да се најде и за 20 евра по лице, а цените одат и до 100 или 200 евра, кога се во прашање најдобрите опции. Имено, ноќевање во хотел во центарот на градот, на само 1,5 км од езерото чини 22 евра. Има и апартмани до плажа, каде ноќевање може да се најде од 35 евра.
Цените на храната во Охрид
Што се однесува до цените на храната, тие се многу пониски отколку во Белград. На пример, литар млеко чини 70 денари или 1,13 евра (132 динари), сирењето 440 денари или 4,48 евра (520 динари) за килограм, додека пилешкото филе чини 426 денари или 6,90 евра (околу 800 динари). Исто така, можете да најдете оброк во рестораните за брза храна за 300-350 динари.
Доколку се’ уште се двоумите дали летово да го посетите Охридското Езеро или морето, мора да споменеме неколку факти за самото езеро.
Имено, водата е многу чиста и проѕирно сина. Езерото од сите страни е опкружено со планини, што му дава дополнителен шарм, па освен на плажа, можете да уживате и во природа, да спортувате, да печете скара, да рибарите или едноставно да уживате во свежиот, чист воздух и прекрасните пејсажи.
Исто така, на езерото има и бродови со кои можете го обиколите или да посетите убави локации од вода, а билетите се многу пристапни. (Крај)
извор: b92.net фото: ОхридПрес