ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Струга ТОП ВЕСТИ

Да не се заборави: Годишнина од големиот граѓански протест во Струга против новата територијална организација

Струга, 22. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Денеска се одбележува годишнината од големиот граѓански протест во Струга против тогашната одлука за нова територијална организација.

На 22-ри јули 2004 година, пред зградата на политичките партии каде се одвиваше состанок на Општинската организација на СДСМ на кој присуствуваше тогашниот висок партиски функционер и министер за одбрана Владо Бучковски се одржа голем протест на кој граѓаните на Струга го изразија револтот против новиот Закон за територијална организација со која четирите општини Лабуништа, Велешта, Луково и Струга се спојуваат во една.

Околу 2.000 стружани таа ноќ со молотови коктели се обидоа да ја запалат зградата на Општинскиот комитет на СДСМ во Струга испровоцирани од присуството на Бучковски, кој во Струга дојде за да ги смири граѓаните поради предлогот за територијална организација.

Во таа намера тие беа спречени од полицијата и од специјалните единици за брзо распоредување, кои со солзавци, шок-бомби, гумени куршуми го бркаа народот. Жестокиот протест заврши со интервенција на специјалната полиција при што беа повредени триесетина граѓани, 24 полицајци и еден претставник на мисијата „Проксима“, запалени контејнери и превртени автомобили, а зградата на политичките партии беше опожарена и демолирана.

Тогашниот министер за одбрана Бучковски полицијата успеа да го извлече со хелихоптер по 7 часовно заробеништво во партиските простории, а претходно пред зградата беа извикувани пароли „Струга е македонски град“, „Бучковски предавник“, „Излези надвор“…

Против десеттина лица кои беа учесници во настаните се водеше и судски спор. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука