Избор Култура Општина Вевчани ТОП ВЕСТИ

Дуодрамата „За нас почнува живот“ во среда ќе се прикаже во Вевчани

Охрид, 22. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Како дел од годинешното издание на „Вевчанско лето 2024“, во среда, на 24-ти јули 2024 година во Вевчани ќе се прикаже дуодрамата „За нас почнува живот“, во режија на Дејан Пројковски и по текст на Ѓеорг Шпиро.

– Маж и жена се борат и лутаат низ животните патишта и никако не успеваат да ја искачат својата животна планина, да ги победат своите проблеми и таму горе на врвот да уживаат во најубавото изгрејсонце со поглед на море. И токму кога мислат дека угоре е високо, а удолу длабоко добиваат милиони на лото. И како сега понатаму… Претставата е со многу трагикомични ситуации и дијалози кои не потсетуваат дека животот е убав и без добивка на лото. Во што се претвори денес современиот човек, во што верува, на што се надева, има ли љубов во себе. Претставата се занимава со големите прашања за смислата на животот на малиот човек. Шпиро пишува како модерен Чехов, повторно за малиот човек со големи соништа. Современиот човек живее постојано со истите проблеми, очекувања и прашања. Можна ли е инстант среќа. Можно ли е еден ден да се разбудиме и во огледалото конечно да го погледнеме идеалниот човек, победникот, бесмртниот, најубавиот… Има ли начин конечно жабата да се погледне во огледало и да види дека е принц, стои во режисерката белешка за претставата.

Се додава дека оваа претстава е бурно трагикомично патување низ душата на малиот човек.

– Претставата е смешна бидејќи таков е животот, но таа е и тажна бидејќи како што знаеме таков е животот. Претставата не се занимава со општите и глобални теми. Светот одамна го заборави човекот. Светот престана да го бара човечкото во човекот. Секој човек е мал универзум, а ние заборавивме да зборуваме за тој мал универзум, заборавивме да се запрашаме што се случува со човекот. „За нас почнува живот“ е претстава за човекот, за оној мал човек што го сретнуваме на улица секој ден , кој работи со нас или ни е роднина, за оној мал човек што го гледаме секое утро во огледалото, порачуваат организаторите.

Дуодрамата со Биљана Драгиќевиќ Пројковска и Нино Леви ќе се игра со почеток во 21:00 часот, во дворот на детската градинка „Планински цвет“ во Вевчани. Влезот за сите посетители е слободен. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука