Скопје/Охрид, 22. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Комисиите во Министерството за економија и труд (МЕТ) имаат полни раце работа за навреме да ги разгледаат доставените барања за потврдите ваучери за одмор за работници со ниски приходи, велат за „Слободен печат“ од ресорот.
Колкав бил интересот на граѓаните да станат добитници на 18.000 денари за летување на државен трошок, зборува и податокот дека на јавниот повик што беше објавен во февруари годинава пристигнале околу 5.000 апликации, што значи дека речиси половината од апликантите нема да ги добијат. Според распишаниот оглас, годинава МЕТ ќе подели 3.555 ваучери.
– Сите што ги исполнуваат условите ќе ги добијат потврдите за одмор, парите се обезбедени и ќе бидат поделени. За оваа мерка се обезбедени средства во износ од околу еден милион евра, односно ќе се издадат вкупно 3.555 потврди-ваучери за одмор за работници со ниски приходи. Во Министерството за економија и труд на јавниот повик што беше објавен во февруари годинава пристигнаа околу 5.000 апликации, детализираат од Министерството.
Разгледувањето на апликациите и поделбата на ваучерите се совпадна и со реорганизацијата на министерствата, но и на активностите за подготовка на ребалансот на буџетот.
– Откако ќе биде завршена постапката, веднаш ќе биде објавен списокот на барателите што го оствариле правото на доделување потврда-ваучер и ќе се почне со издавање на ваучерите. Потврдата за одмор на работници со ниски приходи ќе може да се искористи надвор од туристичката сезона во некој од угостителските објекти од Списокот на пријавени угостителски објекти за сместување, објавен на веб-страницата на Министерството за економија и труд во периодот од 15-ти септември до 1. декември годинава, потенцираат од МЕТ.
Годинава се пријавија 39 хотели во Охрид, Струга, Маврово, Негорци, Кичево, Дебар, Стар Дојран, Струмица, Берово, на Попова Шапка, Пелистер и Пониква. Меѓу нив има со две, три и четири ѕвезди. Дел од овие објекти и претходно учествуваа на јавните повици на Министерството. Програмата трае од 2018 година и вкупно биле доделени околу 3.000 илјади ваучери поради ограничениот буџет, а годинава сумата предвидена за домашните летувалци е трипати зголемена.
За да може да ги искористат ваучерите, работниците треба да покажат дека нивните месечни примања во семејството не го надминуваат нето-приходот од 50.000 денари. Поентата на оваа мерка, која и во изминатите години се покажа како успешна е да им овозможи на лицата со ниски приходи да летуваат на државна сметка, а во исто време да се продолжи туристичката сезона надвор од летниот шпиц.
Инаку, во 2021 година, 4.086 граѓани аплицираа на повикот за добивање ваучери со вредност од по 200 евра. Но, за разлика од 2020 година, кога на располагање беа повеќе од 100.000 ваучери, тој број по една година се сведе на само 1.250. Вредноста на ваучерите во 2020 година изнесуваше 6.000 денари, плус џепарлак од 3.000 денари, односно платежна картичка за да плаќаат во кафеаните и кафулињата. И во 2022 година беа доделени меѓу 1.500 и 2.000 ваучери со вредност од 15.000 денари. (Крај)
извор: Слободен печат фото: ОхридПрес