Охрид, 24. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во популарната Facebook група Муабети од Охрид и околината, од 2020 година, кога е отворена, секојдневно се споделуваат прекрасни приказни за Охрид и околината, вистински спомени од едно минато време, некогашниот начин на живот, но и спомени за луѓе и настани кои оставиле сериозен печат во времето.
Со одобрение од администраторот, на OhridPress ќе споделуваме дел од најубавите приказни, се’ во насока да не се заборават најубавите спомени и настани од најубавиот град. Истите ќе бидат споделувани автентично, најчесто на охридски дијалект.
Ни се чинит дека све е погодено, нишчо не ни фалит, ама ретки се вистинските дружења, можда е време нешчо да смениме во животов
Дур сме биле деца ногу работи во животов не сме ги гледале. Имат кој да мислит за тебе, твое било да учиш, да си умен и да не прајш бељи, да слушаш шо ти велет. За да ти е тебе погодено, татковците и мајките морале да прает големи напори, да се откажет од ногу погодности само тебе да ти е арно.
Денеска е ногу полесно, за све имат помош, се имат поткрепа од сите страни ама пак само се жалиме дека нишчо не ни чинит. Ногумина од мојава генерација и повозрасни ќе се сетет на ова шо го пишам, ногумина го поминале истото или слично ама со тек на време го забораваме.
Муабетов ќе го прам преку ликот на тетка ми Ратка. Родена во Месокастро, м’жена во Канео за рибар. Во фамилијава имат три м’шки деца. Дур се децава мали имат живеено ногу тежок живот. Морат да им спремит јадејне, да ги спремит за нашкола, да ги исперит, да ги иск’пит, да се однесет на доктор ако настинет. М’жот рибар, цел ден војзеро, немат време да се расправат со децата а и м’ж дома не работат, тој е за надвор. Требит да извајт за живот, ако сејт дома со деца да воспитвит и да играт, нишчо не ќе спечалит. (За споредба појќето од денешниве м’жи се врзани дома со жените и шо велет некој: На м’ж ти ушче скутник фалит да му врзиш).
Тогаш немаше ко сега по куќите триста апарати за да завршиш побргу работа. Немаше машини за перејне. Се переше на р’ка а вода се топлеше во казан в огнишче. И да е лето, мораш да запалиш оган в’огнишчето. Преку лето се береја жени Потпеш и тука переја, белеја и сушеја чаршафи.
Леб се месеше дома, после се почна со купвејне од лебарата на плоштад к’ј Матјана. Требит женава да станит сабајле рано, да го стасат лебот и да го измесит. Лебот требит да се однесит на фурна на печејне. Немат кој, м’жот од сабајле излезен војзеро, децава мали. Ја носит шчицата на рамо на фурна к’ј Левко пред Табана. Околу ручек требит да ојт да го земит лебот печен. Одејнево е одозгора, врвит две рала скали пред стенана и к’ј Спространовци.
Во Пндолник, се ојт на пазар. Пак преку цел Варош се врвит, а за назад торена со торбите си идат дома. На сабајле, требит да се испратит м’жов на риби, да му се спремит јадејне за цел ден. Ко ќе се врашчат од на риби, требит долу да го пречекат и да му поможит за прибервејне на мрежите. Ко ќе беше дома тетин ми, к’ј нив по цел ден имаше гости. Тој имаше таков табиет, никогаш сам не пијаше. Седеше на пенџера и чекаше некој да поминит пред куќи за да го викнит на гости и на муабет и на пијајне. Се знаеше дека во куќа рибарска, секогаш имат риба. Тетка ми пикната в огнишче, пржит риба, срамота е гостинот да не пробат риба во Канео.
Иако родена во Месокастро, таја праеше најуба риба. Тетин ми седнат со гостите, прает муабет, јадет, пиет, а женава служит. Него го биваше за прикажвејне интересни муабети и сите беја воодушевени од него а и ушче и денска се спомвет негојте муабети. Таму идаја меѓу другите и глумци, пејачи, режисери да го слушет. Секогаш коментарот нивни беше: Ко Стефо Масло (Бујно) немат чоек во Охрид. Женава цел ден шо работат, то така требит.
Ко потпораснаја децава веке беше полесно. Дел од обврските со набавки, пазарејна презедоја тие, се јавија апарати за дома и беше полесно. Тогаш то не го приметвеме з’ш бевме деца. Све гледавме низ шетајне, јадејне, к’пејне на плажа. Сега ми е јасно колку биле тогаш м’чени. Ова е судбина на појќето жени од то време ама ми се чинит жениве од рибариве живееле најтешко.
Денеска по куќиве имаме све од апарати за секаква помош. Скоро нишчо не морат да прајш на р’ка. Јадејне мојт дома да ти донесет, плачки мојт надвор да ти исперет. Јави се по телефон и све дома ти стигвит. По кафаниве ќе видиш појке жени од м’жи. Сабајле покрај езеро ќе видиш жени како трчет и вежбет по справи (модерно се викало џогирајне). Ова било убо за здравјето.
Вака ни се чинит дека денеска све е погодено, нишчо не ни фалит, све имаме ама не знам з’шчо појќето од луѓево се нервозни, нерасположени (модерно депресивни), ретки се вистинските дружења, си прајме муабет сами со телефоните. Можда време е нешчо да смениме во животов.
објавил Ѓорги Љатко
Објавите во Facebook групата Муабети од Охрид и околината можете да ги следите ОВДЕ. (Крај)
извор: ОхридПрес/Муабети од Охрид и околината фото: Охрид кој веќе го нема