ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Охриѓанката Атина Рувинова освои бронзен медал на Европската олимпијада по информатика за девојки

Охрид, 26. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Македонските информатичарки, на четвртата по ред Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2024), која од 21-ви до 27-ми јули се одржува во Велдховен, Холандија освоија два бронзени медали.

Како што соопштија од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), бронзените медали за Македонија ги освоија Атина Рувинова од Охрид и Јована Трифуноска од Тетово, а достоен резултат постигнаа и останатите две членки на македонскиот тим: Сара Стефановска од Крива Паланка и Антонела Владева од Свети Николе.

Тимот е предводен од д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Ученичките кои се дел од македонскиот тим на ЕОИД 2024 беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, којшто редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по 35-ти пат.

– Ако се вклучат и овие два медали, македонските ученички на досегашните четири изданија на Европската олимпијада имаат освоено вкупно 1 сребрен и 6 бронзени медали, што претставува резултат со кој можат да се пофалат релативно мал број на земји-учеснички на олимпијадата, велат од ЗИМ.

Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД) е релативно нов натпревар, наменет само за ученички – средношколки кои се заинтересирани за изучување на компјутерските науки.

ЕОИД има за цел да ги промовира женското учество и застапеност во областа на информатиката преку обезбедување платформа за талентираните ученички да ги покажат своите вештини и да се натпреваруваат на меѓународно ниво. (Крај)

извор: Инфомакс фото: ЗИМ

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука