Економија Забава Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Успешно издание на „Вкусете го Охрид – локално“

Охрид, 28. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – На плоштадот „Долна Порта“ во Охрид, синоќа се одржа уште едно успешно, трето по ред издание на манифестацијата „Вкусете го Охрид – локално“.

На едно место, од страна на локалните производители, кои се чувари на традицијата, беше презентирана препознатливата гастрономска понуда на Охрид – ѓомлезе, комат, питулици, макало, но и дел од богатата традиција на нашата земја.

– Да се потсетиме на изворниот вкус на охридските и македонски специјалитети подготвени на традиционален начин. Уште една можност да ја промовираме храната што генетски ја препознаваме, да ги измериме капацитетите на „бавната” храна, наспроти трендот на брза и неквалитетна храна. Слоу Фуд посакува свет во кој сите луѓе ќе можат да уживаат во храна која е добра за нив, и за производителите и за конзументите. Пристапот се заснова на концептот за храна што е дефиниран со три меѓусебно поврзани принципи: добра, чиста и правична, потенцираат од Slow Food Ohrid.

Slow Food Ohrid е дел од Слоу Фуд Македонија и поради извонредната местоположба и преку своите уникатни приказни е задоен со искрена љубов кон традицијата, почитување на природниот биодиверзитет и локален идентитет.

Настанот „Вкусете го Охрид – локално“ беше организиран од движењето Slow Food Ohrid со поддршка на Општина Охрид и Слоу Фуд Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука