Париз/Охрид, 28. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Младата и супер талентирана 0хридска стрелачка Анастасија Мојсовска утрово го освои 31. место во дисциплината 10 метри воздушна пушка на Олимпијада која се одржува во Париз, Франција.
Македонската олимпијка се претстави со резултат 104.5, 103.7, 104.3, 104.4, 104.0 и 104.4 по серии, односно вкупно 625.3 и не успеа да се пласира помеѓу првите осум спортисти кои ќе се натпреваруваат во финалето во оваа категорија. Мојсовска настапи во стрелаштво во дисциплината воздушна пушка од 10 метри во конкуренција од 43 спортисти од целиот свет. Според официјалните резултати, најдобар резултат постигна Ban Hyojin од Кореја.
Нашата Анастасија неодамна истакна дека настапот на олимпијадата за неа претставува остварување на нејзиниот спортски сон и освојување на уште еден спортски врв кој ја оформува како професионален спортист-стрелец.
– Чувството е феноменално, неизмерно сум среќна што сум дел од олимпискиот тим и ја имам шансата да ги бранам боите на нашата држава. Очекувам квалитетен светски резултат за кој сум подготвена, а со кој достојно ќе се претставиме на оваа олимпијада, вели Анастасија.
Нејзините почетоци се во СК „Охрид“, сега е член на СК „Стрелец” од Скопје, а тренажниот процес го реализира со Јордан Тасевски.
Анастасија Мојсовска е млада спортистка, има 22 години, но е веќе докажана како стрелец. Покрај тоа што беше повеќекратен државен првак и рекордер на Македонија, остварила високи резултати на меѓународните натпревари. Таа тоа го докажа на последниот Светски куп во Минхен 2024 каде оствари нов државен рекорд и висок светски резултат од 628,8 кругови што е конкурентен за влез во финале на претстојните Олимписки игри во Париз, споредено со претходните во Токио каде што за влез во финале беа потребни 628,5 кругови. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива