Скопје/Охрид, 29. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши заработил кривична пријава од охридската Полиција поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „попречување на правдата“, објави телевизија Телма.
Од полицијата информираат дека на 7-ми мај годинава, „Бектеши од својот мобилен телефон преку мобилна апликација испратил порака на полициски началник во СВР Охрид со која коментирал преземање на законски полициски мерки и истражни дејствија поврзани со кривично дело по член 149 од Кривичниот законик и член 190 став 2 од Изборниот законик“.
Со реакција се огласија од неговата партија ДУИ. Според, Артан Груби и Арбер Адеми, оваа акција на полицијата и двајцата е „политички прогон“.
– Заканите и политичкиот прогон од страна на владините партии и државните моноетнички институции се продолжение на стратегијата и напорите да се уништи моќната и легитимна албанска политичка репрезентација и да се замени со сервилни марионети кои ја поткопуваат државната моноетничност во замена за дозвола за развој на маалски политички игри. Истовремено, служи за покривање на 300-те скандали во првите 30 дена кои не вратија 30 години наназад со масовната неспособност и незнаење да ја водиме државата, пишува Груби.
– Срамот, скандалите и вазалството, кршењето на волјата на албанскиот гласач пропратено со секојдневни и осудливи неуспеси, не можете да ги покриете со политички прогон за наводно постоење на какво било прекршување на Изборниот законик, каде загубата за вас е голема, многу голема. Знајте дека ќе не имате пред себе, со храброст и истрајност во нашата благородна мисија да го заштитиме достоинството на албанскиот гласач, напишал Адеми на социјалните мрежи.
Бектеши беше министер во поранешната Влада од 2017 година. (Крај)
извор: Тв Телма фото: архива