јули 29, 2024

Скопје, 29. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во Македонија постои само една национална академија која ја претставува државата, порачаа во врска со најавите во медиумите од страна на некои политички партии за основање на академија на етничките Албанци во Македонија од Претседателството на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

– МАНУ е формирана во 1967 година како највисока научна и уметничка  институција во Република Македонија, во рамките на тогашната Југословенска федерација, со матична комисија составена од претседатели, попретседатели и членови на најстарите академии во Југославија. При тоа, првиот состав на академици е избран согласно највисоките универзални научни и уметнички стандарди и китериуми. Денес МАНУ претставува најзначајна национална научна и уметничка институција од посебен општествен интерес во нашата држава, која со децении наназад, со својата научно-истражувачка дејност, творештво и советодавна улога, претставува столб во градењето и зачувувањето на идентитетот и државноста на македонскиот народ и деловите од другите народи кои живеат во земјата. МАНУ отсекогаш била отворена за сите граѓани кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, независно од етничката, верската и каква било друга припадност. За политичките партии и нивните влијанија никогаш немало место во неа, порачаа од Претседателството на МАНУ.

Додаваат дека од нејзиното основање до денес, во Академијата членови биле припадници на македонскиот народ, но исто така и на сите етнички заедници.

– Меѓу другите, во последната декада во составот на МАНУ имаше четири члена од албанска етничка припадност (од коишто во трите последователни раководства еден беше научен секретар, а двајца потпретстедатели на Академијата, од кои еден е во актуелното раководство), како и три члена надвор од работниот состав. На крај, напоменуваме дека во Македонија, како и во земјите од регионот и насекаде во светот, постои само една национална академија која ја претставува државата во европската и во други меѓународни асоцијации на академии. Претседателството апелира МАНУ да не се вовлекува во дневнополитички расправи и партиски дискусии кои ја оптоваруваат редовната дејност на Академијата, а спаѓаат во доменот на Законодавниот дом и државните институции, стои во реакцијата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука