Охрид, 30. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Исхраната игра клучна улога во одржувањето на здравјето на срцето и управувањето со нашата тежина.
Артериите се крвни садови одговорни за транспорт на крв богата со кислород од срцето до другите органи во телото. Кога ќе се затнат со наслаги, кои се мешавина од масти, холестерол и други супстанции, тоа може да доведе до состојба која го ограничува протокот на крв и го зголемува ризикот од срцеви заболувања и мозочен удар.
Заситените масти и транс-мастите, кои се наоѓаат во одредени намирници, можат значително да придонесат за создавање на масни наслаги, поради што е важно да внимаваме што јадеме. Покрај тоа што влијае на здравјето на срцето, исхраната е главен фактор и за контрола на тежината. Јадењето висококалорична храна со висока содржина на масти може да доведе до зголемување на телесната тежина, што дополнително го зголемува ризикот од срцеви заболувања, дијабетес и други здравствени состојби.
Сепак, паметниот избор на храна може да ни помогне да уживаме во храната без да го загрозиме нашето здравје. Затоа, нутриционистот и диететичар, Kimberley Wiemann, предупреди на два вида на храна кои ги затнуваат артериите и треба да се избегнуваат доколку сакаме поздраво срце.
Плескавици и виршли
Скарата е синоним за секое лето, а плескавиците на скара и виршлите се главниот дел од овие дружења. Сепак, тоа преработено месо е полно со заситени масти.
– Содржината на заситени масти во овие преработени меса може да придонесе за зголемено ниво на холестерол во крвта, таложење на наслаги во артериите и зголемување на телесната тежина, предупредува Wiemann.
За да уживаме во скарата без грижа на совест, можеме да размислиме за поздрави алтернативи, како што се мисиркини или веге хамбургери и виршли. Овие опции имаат многу помалку заситени масти и можат да бидат исто толку вкусни.
Салати на база на мајонез
Салатата од компири или зелената салата се вообичаени додатоци на летните забави, но многу често ги комбинираме со голема доза на заситени масти и несакани калории.
– Салатите на кои им се додава мајонез можат да внесат голема количина на несакани калории во организмот, како и заситени масти кои се штетни за здравјето, вели нутриционистот.
За поздрава опција, можеме да пробаме салати на база на маслиново масло и оцет или вкусен зеленчук на скара. Овие алтернативи не само што ги намалуваат калориите, туку и додаваат важни витамини и влакна во нашите оброци. (Крај)
извор: index.hr фото: index.hr